Малечка, брза и електрична Опел Корса со историската ознака ГСЕ

Опел ја проширува понудата од модели ГСЕ. Наскоро доаѓа Корса ГСЕ, со моќниот електричен погон од Мока со оваа историска ознака.

Последната спортска изведба на сега најмалечкиот модел, Корса ОПЦ од генерацијата Е, се произведуваше до 2018 година и располагаше со 1,6-литарски турбо бензинец со 207 КС. Идната врвна изведба на Опел Корса ќе забрзува нечујно. Местото на Корса ОПЦ ќе го пополни Корса ГСЕ, со целосно електричен погон.

Во Корса ГСЕ ќе работи погонската спрега што ја поседува Мока ГСЕ. Двата модели ја користат истата платформа. Најбрзата Корса располага со електромотор со 207 киловати/281 КС и 345 њутнметри. Бидејќи Корса е полесна од Мока, се скусува и забрзувањето до темпо сто, од 5,9 на 5,5 секунди. Крајната брзина е ограничена на 180.

Возачите ќе имаат на располагање три режими на работа на погонот. Во спортски режим, електричната спортистка е насочена кон врвни перформанси и со калибрацијата што е наменета за тркачка патека ја испорачува врвната моќност. Во нормален режим се постигнуваат 231 КС. При Еко-возење, сé е насочено кон најниска можна потрошувачка, а крајната брзина е скусена на 150 км/ч.

Енергијата на Корса ГСЕ доаѓа од батерија со корисен капацитет од 51 киловатчас. Инженерите работеа и на системот за одржување на температурата на батеријата, со цел да се обезбеди долготрајно уживање во врвните перформанси на ГСЕ.

Промени во подвозјето и во изгледот

Меѓу останатите посебности на ГСЕ спаѓаат блокада на диференцијалот на предната оска, спуштено спортско подвозје и покрути стабилизатори, заедно со нови амортизери. Управувањето и чувствителноста на педалата за гас се сменети. Четириклипни сопирачки клешти од Алкон се грижат за соодветно сопирање. Гумите се 215/40 на тркала од 18 инчи со три краци.

Корса ГСЕ и надворешно покажува дека е посебна. Се забележува спортски преден браник со нагласени отвори за воздух и проширени арки на крилата, во црна боја. Истата боја важи и за покривот, задниот спојлер и тркалата.

Кокпитот е облагороден со интегрални спортски седишта, со комбинација од алкантара и црно-сиво-жолта мустра, со алкантара и на воланот и на вратите. Нагласок ставаат штеповите во жолта боја и ознаките ГСЕ насекаде.

Според Стелантис, Опел уште годинава ќе почне со нарачки за Корса ГСЕ, но цените уште не се соопштени. За ориентација, Мока ГСЕ во Германија чини 47.300 евра, додека цената за Корса ГСЕ би требало да биде десетина проценти пониска.

ГСЕ е важна ознака на Опел

Кратенката ГСЕ потекнува од 1970-те години. Меѓу првите модели беше Комодоре ГС/Е од генерацијата А. Трите букви тогаш означуваа Гранд Шпорт Ајншпритцунг, за да се укаже на системот за впрскување на горивото, место карбуратор.

Опел ја врати во игра кратенката во 2022 година, но тогаш важеше за моделите со приклучен хибриден погон во гамите на Астра, Астра Спортс Турер и претходната генерација на Грандленд.

Во 2025 година продолжи поглавјето, но само за целосно електрични модели со спортски перформанси. Сите ГСЕ се одликуваат со спортски изглед и спортски нагодено подвозје. Прва беше Опел Мока ГСЕ.

Претходна објаваКиа ПВ5 · Тест · Електричниот погон е друг свет кај доставните возила
Следна објаваРасте извозот на кинеските автомобили, надоместува за слабиот домашен пазар

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here