Новата изведба на лимузината од средната класа на Kia комбинира дволитарски бензинец со директно впрскување и електромотор, со можност за полнење на батериите преку приклучок за струја.
Kia Motors во следните пет години ќе претстави повеќе нови модели со електрифицирана погонска спрега. Почетокот на оваа еко-офанзива е Optima Plug-in-Hybrid (PHEV), кој почнува со глобална продажба во втората половина на 2016 година.
Литиум-полимерната батерија со 9,8 киловатчасови има шестпати поголем капацитет од постоечката Kia Optima Hybrid. Електромоторот со моќност од 50 киловати или 68 КС, овозможува големата лимузина да вози на струја и при повисоки брзини. Сегашната хибридна Optima има електромотор од 35 киловати. Техничарите на корејскиот производител очекуваат дека сериската верзија на Optima PHEV ќе постигнува досег од 43 километри само со погон на батерии.

Бензинскиот мотор е дволитарски четирицилиндарец од генерацијата Nu, со директно впрскување, моќност од 156 КС и вртежен момент од 189 њутнметри. Исто како кај постоечкиот модел, моторот функционира и како генератор, за полнење на батериите. Системската моќност изнесува 205 КС. Преносот е преку шестстепен автоматски менувач и преку електромоторот со 68 КС кој е поврзан со него и го заменува претворачот на вртежен момент кај обичните автоматски менувачи.
Според тестирањата на прототипите, просечната потрошувачка на гориво изнесува 2,4 литри на сто километри. Батериите се полнат на обичен приклучок за струја со 230 волти за помалку од три часа.
Новата хибридна верзија ќе поседува активна маска, заради оптимирање на аеродинамиката со затворање на ламелите во маската при повисока брзина и намалена потреба од воздух за ладење, приклучок за полнење на батериите во предното лево крило, хромирани странични лајсни, специјален дизајн на бандажите, лого EcoPlug-in и низа украсни елементи во сребрена и сина-металик боја во маската, арките на крилата и задниот браник.
















