Kia му пушти струја на Soul

Корејците ќе ја пуштат електричната верзија на Soul во продажба во втората половина на следната година. На домашниот пазар Kia веќе го продава Ray EV, кој послужи како основа за собирање искуства со погонот на струја.

Дизајнот на Kia Soul EV личи на втората генерација на моделот којшто имаше премиера во септември на салонот во Франкфурт. Но, и покрај надворешната сличност, инженерите тврдат дека се работи за различно возило. Батеријата со напредна технологија на полимери на литиум јони има капацитет од 27 киловатчасови и овозможува досег од преку 200 километри.

Моментно флота од тест возила ги привршува дотерувањата пред серискиот старт на патиштата низ Европа и Северна Америка, како и во централниот развоен центар на Kia во корејскиот Намјанг. Електромоторот има моќност од 111 КС и вртежен момент од 285 њутнметри. Преносот на предните тркала се врши преку едностепен преносник.

Според првичните податоци, електричниот Soul забрзува до сто за помалку од 12 секунди, а крајната брзина е ограничена на 145 километри на час.

Полнењето на батеријата може да се изврши на обичен приклучок за струја и трае околу 5 часови. На станица за брзо полнење се потребни само 25 минути до 80-процентна наполнетост на батеријата. Заради заштита на пешаците, при возењето се испушта вештачки произведен звук, кој е активен при брзини до 20 километри на час и при возење наназад.

Претходна објаваМоже да ти го хакирам воланот?
Следна објаваУловен на тестирање: Новиот BMW X1 за 2015 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here