На салонот на мотоцикли Интермот во Келн, Kawasaki го претстави новиот знаменосец во својата понуда од суперспорт модели. ZX-10RR во најголемиот дел е идентичен со стандардната изведба, но е пречистен од сета практична опрема за секојдневието. Моторот е оптимиран за трки, со зајакнат блок и чашки со сменета облога, којашто издржува уште поекстремни напрегања. Покрај тоа е сменета и главата, заради обезбедување простор за користење брегасти вратила со повисоки брегови.
Моќноста на четирицилиндарецот уште не се објавува, но извесно е дека таа ќе изнесува над 200 КС. Кованите бандажи од Marchesini се стандард, а на располагање стои и „quickschifter“, за брзо менување на степените без спојка.
Спортскиот турер ZX 1000 SX на салонот се појавува со нов оклоп во класичниот стил на Ninja, со што се постигнува поспортски изглед, но и подобра заштита на возачот од ветар. Нови системи за асистенција со подобрени сензори овозможуваат своевиден ABS за свијоци. Дел од многуте сменети детали се и светлата со диодна техника и подобрено осветлување. Моторот од 1.043 сантиметри кубни е преработен да ја исполнува нормата Euro 4 и останува на моќноста од 142 КС.
На повисока еко-норма се префрлени и машините од 998 сантиметри кубни во Ninja H2 и во верзијата со механички компресор Ninja H2R. Како ексклузивна серија ограничена на 120 примероци в година ќе се понуди и карбонска верзија H2 Carbon. Цената уште не е позната. Освен моќноста од 310 КС на компресорската верзија H2R, Kawasaki засега не открива други технички детали за новитетите.
На осми ноември ќе следат уште два новитета на салонот во Милано, Z 650 и Z 900 Super Naked.



















