за

Jeep Cherokee ќе биде ѕвезда на салонот во Женева

Марката со теренците ќе понуди модел со кој конечно ќе им се спротивстави на Mercedes GLA, Range Rover Evoque и BMW X1. Продажбата стартува налето, по цена од околу 35.000 евра.

Класичната коцкеста форма на Jeep заминува во историјата со новата генерација на Cherokee, чијашто европска премиера претстои на салонот во Женева во март. Препознатливата маска со седум отвори остана како заштитен знак на марката, но место да продолжува вертикално до хаубата, таа сега се прекршува на половина и потоа меко преоѓа во закосената хауба. Тесните светла го заокружуваат динамичниот и агресивен изглед на компактниот Cherokee. Од кутиестиот претходник што се продаваше на европскиот пазар до пред три години не остана ништо заедничко.

Cherokee ќе се нуди и во поевтина и поштедлива верзија со погон напред

Истото важи и за техниката. Место крута задна оска, новиот Cherokee има независно водење на тркалата, што ќе овозможи поголем комфор во возењето. За подоцна се најавува и моделска верзија со преден погон. Во секој случај, пробивноста по теренот ќе остане клучна предност на американската марка, особено во споредба со моделите од конкурентските марки што се оптимирани првенствено за возење по асфалт.

Топ моделот се искачува без проблем по легендарната тест патека Рубикон

На избор стојат три системи на погонот на сите тркала. Во основната изведба на погонот, задната оска се вклучува автоматски при пролизгување на тркалата, исто како кај повеќето модели во класата. Втората изведба дополнително поседува теренска редукција, додека во третата следува и блокада на задниот диференцијал, што гарантира проодност и по потежок терен. Jeep тврди дека со последнава верзија, Cherokee се движи без проблеми по легендарната тест патека Rubicon, каде што се докажуваат само најспособните теренци.

Дволитарски дизел од мајката на концернот Fiat

На почетокот на продажбата на европскиот пазар, Cherokee ќе се нуди само со дизелски мотор. Дволитарскиот мотор од Fiat ќе стои на располагање во две верзии, со 140 и 170 КС, првата во комбинација со шестстепен мануелен менувач, втората стандардно со деветстепен автоматик. Бензинските мотори, вклучувајќи го шестцилиндарецот од 3,2 литри, ќе бидат интересни само за Русија и за Блискиот Исток. Новата генерација на Cherokee се продава во САД од март минатата година, но без дизелските мотори. Понудата таму почнува со 2,4-литарски бензинец со 177 КС.

Сите светла во новиот Cherokee работат со светлечки диоди, а со доплата се добиваат и ксенонски светла. Понудата од системи за асистенција е мошне богата: Систем против превртување, предупредување при опасност од судир, радарски темпомат, систем за следење лента, следење на мртвите агли, како и автоматско паркирање.

Голем напредок во впечатокот за квалитет во кабината

Во кабината се користат поквалитетни материјали отколку кај претходникот. Арматурната табла е обложена со винил, а за предните седишта може да се добие греење и проветрување, како и електрично местење, вклучувајќи меморија. Задната клупа се мести по должина и совозачкото седиште се соборува за превоз на предмети подолги од два метра. Во списокот на дополнителна опрема се нудат греење на волан и површина за безжично полнење на батерии на мобилни уреди. Средишниот дисплеј во таблата со инструменти има пречник од 18 сантиметри, со можност за избор на преку 100 најразлични информации.

Продажбата во Европа ќе стартува кон крајот на второто тримесечје, по цена од околу 35.000 евра. Големиот брат, Grand Cherokee, на македонскиот пазар стартува од 56.500 евра за моделската верзија со трилитарски дизел со 190 КС и основно ниво на опрема.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Dacia на нишан: Евтиниот автомобил на Ford се вика Figo

20 години од првата Toyota RAV4