за

Jeep кажува дека купувачите на Avenger се помлади, и обично се жени

Jeep започна со испорака на Avenger, најмалечок модел на американската марка и воедно прв целосно електричен модел.

Жените учествуваат со 45 проценти во кругот на купувачи на новиот малечок СУВ-модел Jeep Avenger. На ниво на цела марка, тој удел се движи околу 30 проценти.

Новиот Jeep Avenger, најмалечкиот модел на американскатa марка во концернот Stellantis и нејзин прв модел што е целосно електричен, повеќе ги привлекува помладите купувачи и жените, откриваат директорите.

Просечната возраст на клиентите што меѓу првите нарачале Avenger – испораката на моделите со бензински мотор започна во Италија уште во минатиот месец – изнесува 45 години, во споредба со 55 години на ниво на цела марка. Жените учествуваат со 45 проценти во кругот на купувачи, наспроти 30 проценти за целата марка.

Од 25.000 нарачки досега, четири петини од возачите досега користеле автомобил од друга марка, додека 75 проценти од купувачите на изведбата со целосно електричен погон доаѓаат од автомобили со мотор со внатрешно согорување.

Електричната варијанта ќе сочинува поголем дел во продажбата. Изведбата со 1,2-литарски бензинец, од поголемите пазари ќе се нуди единствено во Италија, Полска и Шпанија.

Во Италија, како најголем пазар на Jeep во Европа, најголемиот дел од продажбата сепак отпаѓа на бензинската варијанта на Avenger, којашто учествува со 85 проценти. Половината од нарачките за моделот, доаѓа само од Италија

Avenger е покус во споредба со останатите СУВ-модели од градската класа во концернот Stellantis. Каросериските превиси се посебно куси, со цел да се постигне подобра „геометрија“ на каросеријата за возење по терен, односно да се добие поголем агол на пристап и излез.

Во почетокот од продажбата, електричниот модел ќе се нуди само во верзија со преден погон. Планирано е да се понуди и верзија со втор електромотор, којшто ќе биде вграден на задната оска и на тој начин ќе се постигне погон на сите тркала. Овој модел со ознака 4xe ќе следи наскоро.

До 2030 година, Jeep очекува да стане целосно електрична марка во Европа

За Avenger се предвидува годишна продажба од 100.000 примероци. Големата цел е вкупната продажба на марката Jeep да достигне 300.000 возила кон завршетокот на деценијата.

Jeep во минатата година продаде 102.713 возила во Европа, помалку од 2021 година, кога имаше 133.227 возила. Тоа се должи на проблемите со добавувачите на компоненти, што ја погодија целата бранша.

Американската марка постигна рекордна продажба од 168.652 возила во Европа во 2018 година.

Avenger е втор СУВ-модел на Jeep во Б-сегментот, којшто е најголем пазарен сегмент во Европа, покрај незначително подолгиот Renegade.

Сцени од теренско возење на Jeep Avenger

Avenger користи придобивки од бројните подобрувања што се направени во втората генерација на платформата e-CMP на Stellantis. Таа платформа се користи за цела низа модели од градската класа во концернот, вклучувајчи и неколку модели од компакт класата. Може да се користат бензински и дизел мотори, како и целосно електричен погон.

СУВ-моделите со целосно електричен погон врз таа платформа постигнуваат досег од околу 400 километри. Во градски услови, може да се очекува досег до 550 километри.

Електромоторот од 115 kW (156 КС) во Avenger доаѓа од заедничката компанија за е-мотори меѓу Nidec и Stellantis. Тој се произведува во фабриката на Stellantis во Тремери, Франција. Батеријата од 54 kWh, со корисни 50,8 kWh, се набавува од кинескиот специјалист Contemporary Amperex Technologies Ltd (CATL).

Првата генерација целосно електрични СУВ-модели на Stellantis од градската класа – Peugeot e-2008, Opel Mokka-e и DS 3 Crossback E-Tense – постигнуваа 320 km досег, со батерија од 50 kWh и електромотор со 100 kW (136 КС).

Jeep детално ги опишува подобрувањата што овозможија досегот на возилата врз платформата eCMP2 да се зголеми за 25 проценти, од 320 на 400 километри:

  • Новиот електромотор го зголеми досегот за 5 проценти (околу 16 km)
  • Поголемата батерија (8% номинално) додаде 12 проценти во досегот (38 km)
  • Подобрата аеродинамичност, подолгиот преносен однос и тркалата со низок отпор додадоа 8 проценти (26 km)

Долг 4084 mm, со 2562 mm меѓуоскино растојание, Avenger е најкус СУВ во гамата на Stellantis, но нуди просторност споредлива со останатите модели во градската класа.

За споредба, Peugeot 2008 има незначително подолго меѓуоскино растојание со 2605 mm и вкупна должина од 4300 mm, што е за 216 mm повеќе од Avenger.

Внатрешноста на Jeep Avenger

 Jeep кажува дека Avenger користи околу 600 делови што се разликуваат од останатите модели врз платформата eCMP.

Jeep кон завршетокот на мај ќе започне со испорака на електричниот Avenger во Франција (од 36.500 евра) и Германија (од 37.000 евра).

Во јуни следат останатите пазари. Елеткричниот модел ќе се извезува во Мароко, Турција, Јапонија и Јужна Кореја. Не се планира продажба во САД и Кина.

Бензинската верзија на Avenger се продава во Италоија од завршетокот на минатиот месец, почнувајќи од 24.300 евра.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alpine A290 Beta ветува мошне возбудлив период на групацијата Renault

Новите Škoda Kodiaq и Superb добро ја издржуваат смрзнувачката во Поларниот Круг