за

Alpine A290 Beta ветува мошне возбудлив период на групацијата Renault

Концептниот автомобил е многу блиску до серискиот модел и се базира врз идниот Renault 5. Подвозјето е посебно дотерано, додадена е екстра моќност и има големи зафати во каросеријата.

Alpine го претстави концептниот автомобил A290 Beta, како најава за серискиот модел што треба да стартува во 2024 година. Марката што е дел од групацијата Renault Group ќе ја шири понудата од модели и има планови да продава во Америка.

Како основа за A290 Beta користи идниот Renault 5, меѓутоа се извршени крупни зафати во подвозјето, зголемена e моќноста и има големи преправки во каросеријата. Секако дека и внатрешноста е во стил на тркачки автомобил.

Серискиот модел ќе биде лансиран во втората половина од 2024 година, потврдуваат од Alpine. Исто како Renault 5 и идната Nissan Micra, автомобилот ќе биде конструиран врз платформата CMF-B EV на алијансата Renault-Nissan. Производството ќе се одвива на северот на Франција, во фабриката во Дуе.

A290 Beta е долга 4050 mm, широка 1850 mm и висока 1480 mm. Тоа е истата должина со Renault Clio, меѓутоа ширината е зголемена за 50 mm и висината за 40 mm. Французите уште ги немаат објавено димензиите на Renault 5.

Пазарот на спортски модели од градската класа доживува препород, токму поради електричниот погон. Тоа е своевиден излез што го најдоа производителите на автомобили, затоа што законите речиси ги оневозможуваат да конструираат спортски автомобили од оваа класа, што би користеле бензинци со висока моќност.

Конкуренти на A290 се електричното Mini од новата генерација, верзијата Abarth од Fiat Nuova 500 и идниот Urban Rebel од спортската марка Cupra, што практично ќе го замени и награди местото на Seat во портфолиото на концернот Volkswagen

Констуирирана како спортски автомобил, A290 Beta располага со два електромотори, како и со копче „push to pass“, коешто овозможува екстра моќност во времетраење од 10 секунди. Слична функција има и во болидите во Формула 1.

Renault им го смени името на своите тимови во формула 1 и во трките во издржливост во Alpine, следејќи го концептот на „win on Sunday, sell on Monday”, односно победи во недела и продади во понеделник. Французите сакаат да го искористат тоа што името ќе се појавува во тркачката серија што привлекува милионска гледаност и тоа да го претворат во продажба на возила за секој ден.

Копчето „push to pass“ ќе биде одлика на идните сериски модели на Alpine. Техничарите ќе се погрижат тоа да биде функционално само во безбедни услови.

Renault наведува дека сериската изведба на A290 ќе користи батерија со хемија што се разликува од батеријата во Renault 5. Менаџерите не потврдуваат дали батериите со високи перформанси ќе се набавуваат од Verkor. Тоа е стартап којшто ќе им се придружи на LG Chem и AESC Envision, како добавувач на батерии за групацијата.

Зафатите во каросеријата се преземени главно во насока на аеродинамичноста. Тоа вклучува два големи отвори за воздух во предната маска, канали пред тркалата и ретровизори што „лебдат“.

Целата презентација на Alpine A290 Beta

Меѓу останатите одлики на концептниот автомобил се ветробранот што продолжува во хаубата, тркалата од 20 инчи со квадратна шема – коишто ќе се користат и кај серискиот модел – како и гумите Michelin по посебна нарачка, со бел испис на името.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Alpine Cars (@alpinecars)

Предните светла потсеќаат на историскиот A110, вклучувајќи ги рефлекторите пред светлата, додека вертикалните задни светла се по пример на оригиналниот Renault 5 од 1970-те, како и на тркачкиот A470 на долги патеки.

Според Alpine, силуетата на A290 Beta соодветствува 85 проценти со серискиот автомобил. Кабината со три седишта е само експеримент. Возачот е во средина и држи волан во стил на тркачки болид, а патниците седат малку поназад. Се седи во карбонски школкести седишта. За заштита се грижи посебна цевна рамка.

Оригиналниот Alpine A110

Renault нема објавено технички податоци за Alpine A290 Beta, меѓутоа е извесно дека назад ќе работи мултилинк оска, како и систем за варијабилна распределба на вртежниот момент меѓу тркалата и систем за сопирање од Brembo со 4-клипни клешти.

A290 ќе биде дел од тоа што извршниот директор Лорен Роси го нарекува „гаража од соништата“. Во неа ќе се најдат уште идниот компактен СУВ со ознака GT, како и наследникот на спортското купе A110. Во иднина се планирааат уште два СУВ-модели, од средната и вишата класа, како и продажба на автомобилите во Северна Америка

Alpine го објасни означувањето што ќе го користи за своите модели. Во ознаката A290, бројот 2 означува дека возилото му припаѓа на Б-сегментот, 90 значи дека станува збор за автомобил за одреден животен стил. Beta значи дека станува збор за претсериски модел, слично на софтверот пред да се пушти во оптек.

Извршниот директор на групацијата Renault, Лука де Мео, очекува марката до 2030 година да достигне годишна продажба од околу 150.000 возила. Паралелно ќе се работи на проширување на продажната мрежа, од сегашните 140 на 300 дилерства ширум светот, вклучувајќи партнерство со AutoNation во САД.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel Corsa е најпродаван автомобил во Германија во април

Jeep кажува дека купувачите на Avenger се помлади, и обично се жени