Најбрзата лимузина во светот стана уште побрза, доколку се цени според времето на Нирбургринг, на Нордшлајфе. Jaguar XE SV Project 8 со своите 600 КС го подобри времето на круг за близу три секунди.
Моделската изведба на Jaguar XE, којашто е дело на одделението за специјални проекти на англиската марка, постави ново најдобро време на 20,6-километарскиот курс околу Нирбургринг, познат како Нордшлајфе. Рекордното време на Jaguar XE SV Project 8 како најбрза лимузина во светот, сега изнесува 7:18,361 минути. Тоа е 2,9 секунди подобро од претходниот рекорд поставен во ноември 2017 година и воедно е седум секунди подобро од втората најбрза лимузина на германската патека.
Зад воланот на изведбата на Project 8 со две седишта, што е сосем легално, затоа што Jaguar ја нуди таа опција за автомобилот, се најде тест возачот Винсент Радермекер. Подвозјето беше спуштено во режим за „тркачка патека“ и беа извршени соодветни дотерувања на сплитерот напред и големиот спојлер назад. Значаен придонес имаат и новите гуми Michelin Pilot Sport Cup 2 R, кои се дозволени за нормален сообраќај.
Со петлитарски V8 со механички компресор, со 600 КС и погон на сите тркала, Project 8 спринтува од место до темпо сто за 3,7 секунди, а крајната брзина изнесува 320 km/h.
Екстремниот XE ќе се произведува до крајот на годинава. Неговата цена: 149.995 фунти.