Jaguar Land Rover гледа низ столбови и следи автомобили-духови

Техничарите работат на „проѕирни“ столбови и на навигација со проекција на возило што се следи по патот

Jaguar и Land Rover работат на развој на технологии што на возачите ќе им овозможат прегледност во 360 степени околу возилото, како и на навигација во којашто се следи проекција на возило напред.

Техничарите на Jaguar и Land Rover започнаа со развој на технологија којашто на возачите ќе им овозможи да добијат прегледност од 360 степени околу возилото, односно се работи за столбови коишто стануваат „проѕирни“. Идејата е во столбовите да се вградат екрани на коишто ќе се прикажува сликата во живо од камерите вградени во каросеријата на возилото. На тој начин ќе се избегнат мртвите агли што се создаваат од предните, средните и задните столбови.

http://youtu.be/c98h41TkREA

Во секојдневието се случува „зад столбовите“ да се сокрие пешак, велосипедист или друго возило, при што се создаваат опасни ситуации. Во напливот од нови системи за унапредување на безбедноста, оваа идеја на Британците е добредојдено освежување. Како унапредување на системот се нуди и можност во проекциски дисплеј што се прикажува на ветробранот да се истакнува движењето на другите учесници во сообраќајот. Проѕирните столбови ќе стануваат проѕирни при секое пуштање на трепкачите, при гледање на страна и при пристапување на крстосница.

Полниот потенцијал на „виртуелниот урбан ветробран од 360 степени“ би се постигнал со поврзување на виртуелниот ветробран на „облак“. Со поврзувањето на автомобилот со патната инфраструктура и локалните бизниси, виртуелниот ветробран може да прикажува изобилство информации, почнувајќи од цените на горивата на блиските пумпи до бројот на слободни места на паркиралиштата, за возачите да не мораат сами да ги бараат овие информации на навигацијата или на мобилниот. Навигацијата исто така би давала повидливи обележја за свртување лево или десно, како на пример дуќани или кафулиња, место сообраќајни знаци и имиња на улици.

Имајќи во предвид дека најинтуитивен и најдобар начин да се стигне до одредено место е да се следи некој што го знае патот, Jaguar Land Rover работат и на „навигација со следење на автомобил-дух“, во којашто е замислено во видното поле на возачот да се проектира слика од друго возило коешто возачот го следи до крајното одредиште. Тоа би било сосема ново и многу подобро искуство во користење на навигацијата. Од Британците засега нема најави околу почетокот на сериското вградување на новите два система, но тоа сигурно нема да се случи во следните две до три години.

Претходна објаваСовети за студените денови: Зимска подготовка на автомобилот
Следна објаваAmazon.com: Поради грешка стотици артикли продадени за едно пени

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here