Hyundai го претстави Venue како најмалечок модел во својата понуда. Уште е неизвесно дали моделот ќе биде достапен и на европскиот пазар. Производството е во Индија.
Hyundai Kona доби братче. Корејскиот производител го претстави Venue на салонот во Њујорк (од 19-ти до 28-ми април), додека паралелно се одвиваше и премиерата на брод, на релација од Мумбај до Гоа во Арабското Море. Тоа е најмалечкиот модел во понудата од возила со теренски аспирации на Hyundai и истиот ќе се произведува во Индија. Почетокот на продажбата е најавен за втората половина од годинава. Автомобилот долг 4,05 метри во почетокот ќе се нуди само во Америка и Азија. Поради очекуваниот голем интерес на европскиот пазар, можно е Venue да се појави и во Европа.
За погонот се грижи 1,6-литарски атмосферски бензинец со 121 КС, во комбинација со шестстепен мануелен менувач или безстепен автоматски менувач. Hyundai веќе најави дека моторот ќе го понуди на одредени пазари и во турбо-изведба, со значително зголемена моќност. На индискиот пазар ќе се нуди и верзија со дизел мотор.