Комбилимузината на Honda ги доби системите за асистенција од неодамна воведениот поголем брат, комбито Tourer. Промени има и во изгледот, управувањето и подвозјето – но, само малку.
По две години од стартот на продажбата Јапонците го подосвежија нивниот ривал на Golf. Новото моделско годиште на Civic доживеа неколку помали промени во подвозјето и во управувањето, но и во изгледот. Од неодамна воведеното комби Civic Tourer доаѓаат напредните системи за асистенција.
Освежувањето во изгледот се препознава најлесно во задниот дел. Впечатливиот дизајн се нагласува уште повеќе со затемнетите задни стакла и задни светла. По избор се добиваат и потемни арки во крилата и сребрено црни алу-бандажи од 17 инчи. Белата опшивка на воланот, седиштата и во средишната конзола посредува поубедлив впечаток за квалитет.
Од системите за асистенција стојат на располагање предупредување при опасност од судир со самостојно запирање при неизбежен судир, автоматика за долго светло и предупредување при излегување наназад со паркирано возило. Последниов систем го следи движењето на возила зад Civic и соодветно го информира возачот. Новитет во понудата на системи за асистенција е и радарскиот темпомат, што самостојно ја намалува брзината ако напред има побавно возило и го следи со константно темпо и оддалеченост.
Инженерите го усовршија водењето на предните и задните тркала и го преработеа електричното сервоуправување, со цел да се постигнат уште поголема стабилност на правец и во свијоци, како и поголем комфор во возењето. Понудата на мотори останува непроменета, со 1,4-литарски бензинец со 100 КС и дволитарец со 142 КС, како и нов турбодизел со 120 КС и потрошувачка од 3,6 литри. Поголемиот дизел повеќе не е во понуда.