Јапонската марка завладеа со сите природни средини. По копното и водата, Honda отсега го владее и воздушниот простор. HondaJet се произведува во Северна Каролина и е „хонда“ во споредба со другите бизнис-џетови.
По безброј пробни летови и тестирања, HondaJet доби одобрение за летање од федералната агенција за авијација на САД. За производството на бизнис-џетот е основана посебна компанија Honda Aircraft со седиште во Гринсборо, САД. Првиот производ на компанијата е лесен бизнис-џет со иновативна технологија, што е својствено за марката Honda.
Тестирањето на моќноста, безбедноста и издржливоста на HondaJet траеше над 3.000 часови во летање, со полетување и слетување на повеќе од 70 локации низ САД. Авионот на Honda е посебен по тоа што млазните мотори се вградени над крилата, што во комбинација со оптимирањето на аеродинамиката на крилата и со трупот изработен од композитни материјали овозможи HondaJet да се одликува со висока моќност, многу простор во кабината и ефикасност во работата на погонот. Максималната брзина изнесува 420 чворови, односно околу 778 километри на час, што го прави авионот најбрз во класата, а воедно и најштедлив во сегментот.
По добивањето на одобрението од воздухопловните власти во САД, производството на HondaJet се одвива под полна пареа во фабриката во Гринсборо, во сојузната држава Северна Каролина. Во моментов има 25 авиони кои чекаат на завршетокот на монтажната линија. Персоналот на Honda Aircraft брои 1.700 лица во изработката, обуката на пилотите, сервисирањето и услугите за клиентите.
















