за

Honda веќе прима нарачки за новиот NSX

Велика Британија е земја на мотоспортот, што се потврдува и во случајот со новиот NSX. Иако суперспортското купе на Honda ќе се продава дури од 2015 година, Британците веќе почнаа со преднарачки.

Со капар од 5.000 фунти, идните сопственици добиваат гаранција дека ќе бидат меѓу првите во Велика Британија кои ќе седнат за воланот на комплетно новиот NSX, откако продажбата ќе стартува во 2015 година. Директорот на Honda UK, Фил Кросман е одушевен од интересот за моделот: „Иако до лансирањето на моделот има уште две години, примивме повеќе од 20 преднарачки, и тоа уште пред да ги објавиме крајните цени на серискиот автомобил.“

Концептното возило со кое што Honda го најави идното суперспортско купе доживеа премиера на ланскиот салон во Детроит.

NSX ќе има средишно вграден мотор V6 со директно впрскување, во комбинација со куќниот погон на сите тркала SH-AWD, кој е ориентиран првенствено на постигнување врвни возни својства. Во придружба на бензинецот, на предната оска ќе работат два електромотора со променлива распределба на влечната сила меѓу левото и десното тркало. На овој начин изведениот хибриден погон на сите тркала ќе создава негативна или позитивна тракција на предните тркала во свијоци, што ќе овозможи далеку подинамични возни својства отколку другите системи 4х4. Новиот NSX ќе се произведува во новата фабрика на Honda во Охајо, САД.

Преднарачките за претходниот NSX исто така почнаа долго пред серискиот старт на моделот. Првата генерација на NSX се појави во 1990 година и остана во производство цели 15 години. Во овој период се произведоа 18.000 примероци од легендарниот модел на Honda.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Mini ќе се произведува и во Индија

Идниот Tiguan ќе напаѓа во тројка