Производителите на автомобили од Кина досега се јавуваа само повремено на светската сцена. Меѓутоа, во време кога во целата бранша во глобални рамки се случуваат клучни промени, истите не само што не ја изоставија Кина, туку и се најдалекусежни таму.
Кинескиот концерн Great Wall Motors во минатата предизвикувачка година и сам си постави големи предизвици. Производителот на возила од марките Haval, Wey, Ora и GWM Pickup понатаму ќе се развива во глобална компанија за мобилност, што воедно ќе става повеќе нагласок на напредна технологија. Светот веќе научи дека најавите од оваа компанија не треба да се земаат здраво за готово. Сé што беше најавено досега, се оствари.
Производството моментно се одвива според системот „12+5“, односно возила се произведуваат комплетно во 12 фабрики ширум светот, а монтажа на возила од готови модули е организирана во уште 5 фабрики. Мрежата од развојни центри е присутна во седум држави, на вкупно десет локации. Значи, многу е сериозно.
Само неколку примери за достигнувањата до ноември лани. Концернот стартуваше со продажба на новата генерација на пикапи GWM Poer (името е спој од Power и традиционалиот лик Пао од кинеската култура) во Австралија, Нов Зеланд, Чиле, Јужна Африка, Ирак и Јордан. Марката Haval, што солидно е присутна и на македонскиот пазар преку уозникот Толту Моторс, лани се впушти во освојување на Средниот Исток, со увозници во Кувајт, Катар и Јордан.
Во време кога целиот светски пазар беше во пад, извозот на GWM порасна за 2,8 проценти, со вкупно 61.563 возила
Од јануари до ноември, концернот GWM продаде вкупно 961.489 возила на домашниот и на странските пазари. Значително се зголеми уделот на пикапите, кои надминаа продажба од 200.000 примероци.
Пазарот стекна доверба во пикапите на Great Wall, кои всушност уште од старт го пробиваа патот за „фините“ марки на кинескиот концерн, вклучувајќи го и македонскиот пазар. Неколку големи компании имаат вклучено Great Wall Steed во својот возен парк. Интересна ситуација во таа смисла се случуваше со пазарниот старт на новиот пикап GWM Poer во Чиле. Уште пред официјално да стартува продажбата, чилеанскиот дилер регистираше 235 нарачки за Poer „на невидено“. Планираниот контингент за увоз беше распродаден за само 22 часови. Тоа претходно се нема случено во Јужна Америка, како традиционален пазар за пикапи. Poer имаше успешен старт и во Ирак.
Развојни центри на Great Wall Motors се присутни во Јапонија, САД, Германија, Индија, Австрија и Јужна Кореја, покрај главниот центар во Баодинг.
Производствената мрежа се прошири со преземањето на фабриките на GM во Талегаон/Индија и во Рајонг/Тајланд. Тоа се потенцијално големи пазари што веќе почнуваат да бележат позабележлив раст, благодарение на еконономскиот раст. Уште една придобивка од присуството во овие држави е нивната одлична местоположба, што ќе го олесни извозот на возилата на GWM на светскиот пазар.
Концернот лани започна со изградба на фабрика во заедничка инвестиција со BMW, каде што ќе главно ќе се произведуваат електрични возила за локалниот пазар, со технологија од германскиот гигант.
Во септември лани, фабриката на GWM во Тула/Русија потпиша договор со Министерството за индустрија и трговија на Руската Федерација, со којшто на кинескиот концерн му беше одобрена повластена даночна стапка, иста како на бројните останати странски компании што произведуваат во големата земја и уживаат третман на домашен производител. Основа за тој договор е инвестицијата во висина од 42,4 милиони рубли, односно близу половина милион евра во проширување на фабриката за автомобили, односно производство на мотори, менувачи и електроника.
Темелите на оваа фабрика беа поставени во септември, се очекува производството да стартува кон крајот на 2022 година. Повеќе од 90% од моторите што ќе се вградуваат во автомобилите за рускиот пазар ќе доаѓаат од фабриката во Тула.
Во септември целосно беше преземена и фабриката на Motus во Германија. Во овие погони ќе се произведуваат делови за кабина, од тавани и потпирачи за рака, до украсни делови. Преименувана во Nobo Automotive System, оваа фабрика ќе служи како центар за проширување на добавувачка мрежа ширум светот.
Клучните настани за Great Wall Motors лани:
- 15-ти јануари, HAVAL стартуваше со продажба во Кувајт
- 17-ти јануари, GWM и GM потшпишаа договор за преземање на фабриката GM India Talegaon
- 5-ти февруари, GWM изложуваше првпат во Индија, на Ауто Експо
- 17-ти февруари, GWM и GM потпишаа договор за преземање на фабриката GM India Thailand Rayong
- Март, организација на првиот извозен контингент по запирањето на производството и логистиката, поради пандемијата
- 20-ти јуни, започнува изградба на фабриката Spotlight Automotive, во заедничка инвестиција со BMW
- 10-ти септември, Nobo Automotive System презеде сопственост над фабриката Motus во Германија
- 14-ти септември, потпишан е договор за ексклузивно застапништво за Јордан
- 25-ти септември, потпишан специјален договор за инвестирање со Министерството за индустрија и трговија на Руската Федерација
- 19-ти октомври, потпишан е договор за проектот на база за производство на автомобили во Јингмен
- 20-ти октомври, дилерство во Катар
- 2-ри ноември, преземање сопственост над фабриката во Рајонг, Тајланд
- 16-ти ноември, лансирање на серијата пикапи Poer во Австралија, 4-ти најголем пазар за пикапи во светот
- 24-ти ноември, почеток на работа на GWM Taizhou Smart Factory
- 25-ти ноември, поставени темели за фабрика за мотори во Русија
- 4-ти декември, почеток на продажба на GWM Poer во Јужна Африка
- 12-ти декември, почеток на продажба на GWM Poer во Јордан
- Декември, почеток на продажба на GWM Poer во Чиле и во Ирак