за

Great Wall најавува хибрид и приклучен хибрид, досег до 200 km

Големо достигнување по само неколку месеци од објавувањето на новата стратегија, со којашто кинескиот концерн Great Wall, со своите марки Haval, Ora, Wey и GWM Pickup, ќе се докажува како технолошки моќник на светската сцена.

Great Wall најавува хибрид и приклучен хибрид досег до 200 km

Во развојниот центар на марката Haval, којашто е дел од кинескиот концерн Great Wall Motor, претставен е самостојно развиен хибриден и приклучен хибриден погон, што за кусо време ќе почне да се вградува во моделите од концернот.

Тоа што периодов се случува со кинескиот концерн Great Wall Motor, претставува верно повторување на клучни поглавја во автомобилската историја. Повозрасните генерации уште се присеќаат на поглавјето, кога јапонските марки, предводени од Toyota, во периодот на 1970-те беа во силен подем на светскиот пазар. Две децении подоцна следеше уште едно издигнување на автомобилска индустрија од национални во глобални рамки – бумот на корејските производители, предводени од марките Kia и Hyundai, како и од Daewoo, кој потоа се претопи во General Motors.

Сега, Great Wall Motor (GWM) докажува дека неговото поглавје штотуку почнува. Тоа е чест што кинескиот концерн ѝ ја оддава на светската автомобилска сцена. Кусо, по сета оваа еуфорична најава, многумина ќе се сеќаваат на моментот кога GWM го најави хибридниот погон во своите автомобили. Електричниот погон, патем, веќе е присутен во концернот, под марката Ora, којашто сепак се држи до градските сегменти.

Чист хибриден и приклучен хибриден погон, три погонски конфигурации

Хибридот и приклучниот хибрид се дел од сценариото Lemon DHT. Во основа, станува збор за хибриден погон со сите нишани, со начин на работа сличен со Toyota Hybrid Synergy Drive. Од основниот хибриден погон е изведена и варијанта со приклучен хибриден погон (PHEV), во основа само со поголема батерија. GWM ќе го нуди погонот во три варијанти на моќност, чиишто вредности засега не ги наведува.

Менаџментот во GWM и Haval посочува дека погонот е особено важен и во национални рамки, затоа што со него се избегнува зависноста на локалните производители од заедничките проекти со странските гиганти во автоиндустријата, во подрачјето на електрификацијата. „Лимонот“ е одгледан локално, од сопствен развој и од сопствено производство.

Варијантата со чист хибриден погон е ценовно подостапната варијанта, со заштеда на гориво во град, со динамични перформанси при возење на отворено и со ефикасност на хибридниот погон над 50 проценти. Последново значи дека во одредени услови, обично возење во густ сообраќај во град, возилото ќе совладува повеќе од половината од одредено растојание користејќи чисто погон на струја. За СУВ-модел од градската класа, Кинезите ветуваат потрошувачка од 4,6 литри на сто километри.

Во поскапата изведба со приклучен хибриден погон, којашто главно се разликува во поголемата батерија во споредба со претходната варијанта и во располагањето со техника за полнење на истата, Great Wall Motors наведува досег до 200 километри во најдоброто сценарио. Тоа е повеќе од кој било модел со PHEV-погон што моментно е во понуда на пазарот.

Заштедата во гориво, кај СУВ-модел од Б-сегментот, би достигнала 35-50% со хибридниот погон. Забрзувањето до темпо сто ќе се скуси за 1,5 секунди, на само 7,5 секунди.

Трите варијанти се 1.5L+DHT100 (моќност само на 1,5-литарскиот мотор 100 КС), 1.5T+DHT130 (моќност 130 КС) и 1.5T+DHT130+P4 (моќност 130 КС и погон на сите тркала). Овие варијанти ќе бидат достапни како чист хибрид или приклучен хибрид. Погонскиот систем уште од старт е развиван со цел да се покријат различни потреби од погон во сите региони во светот.

Шан Хонгијан, потпретседателка за истражување и развој во GWM, ги објаснува деталите за Lemon DHT

Great Wall Motor го разви Lemon DHT самостојно и располага со заштитени патенти за 199 позиции, вклучувајќи 80 сопствени патенти. Кинескиот концерн на салонот во Пекинг годинава најави дека ќе се профилира како понудувач на напредни технологии за мобилност на светскиот пазар, место само како производител на автомобили. Lemon DHT доаѓа кусо по отпочнувањето на реализацијата на новата стратегија. Тоа само укажува дека има уште многу изненадувања од кинескиот концерн.

>>> Тест · Haval H6 2.0 Supreme

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Каков избор на користено возило е Ford C-Max?

Автоматски казни за холандските возачи ако зборуваат на телефон

Автоматски казни за холандските возачи ако зборуваат на телефон