за

Каков избор на користено возило е Ford C-Max?

Компактниот ван со динамични возни својства и просторна кабина постои во понудата на Ford од 2003 година. На бројните предности, следат неколку чувствителни подрачја.

Во компактниот ван на Ford секогаш има место и за патници и за багаж. C-Max е создаден за долго време да остане во семејството. Што кажува техниката?

► Втората генерација на C-Max се произведуваше од 2010 до 2019 година. Гамата на мотори покрива дијапазон од 85 КС (1.6 Ti-VCT) до 182 КС (1.6 EcoBoost).

Главните одлики на Ford C-Max се компактните димензии и приоспособливата кабина. Него му припаѓа златната средина во понудата од ванови на Ford, меѓу Galaxy/S-Max и B-Max. Конкурентот на Touran се нуди во две изведби: Во стандардна изведба со пет врати и три поместливи седишта и во продолжена изведба Grand C-Max, со лизгачки врати и со опција за трет ред седишта. Ford почна да ги вградува новите и штедливи мотори од генерацијата EcoBoost токму во C-Max.

Подвозјето работи прецизно и возилото е стабилно во свијоци. При возење по неквалитетен пат, патниците сепак го чуствуваат тоа. Grand C-Max има многу помека амортизација. Електричното сервоуправување работи директно и прецизно, но некогаш реагира премногу остро. Добрите сопирачки и кусиот пат на сопирање помагаат возилото брзо да се стави под контрола во опасни ситуации. Единствено е проблем прегледноста назад. Поради дизајнот, прозорците се премали. Препорачлив мотор е EcoBoost со 150 КС, со кого што C-Max се претвора во волк во јагнешка кожа.

Ford Grand C-Max е подолг за 14 сантиметри, има лизгачки задни врати и поголем поклопец на багажникот

Проблеми има во преносот на сила, значи во спојката, замавникот, менувачот. На тоа се надоврзуваат врати што чкрипат, пробивање вода во светлата, нелогично вклучување на контролните светилки, а често треба да се проверува и состојбата на акумулаторот.

► Првата генерација на C-Max (Focus C-Max) се произведуваше од 2003 до 2010 година. Гамата на мотори покрива дијапазон од 90 КС (1.6 TDCi) до 145 КС (2.0).

Ванот од оваа генерација повеќе не изгледа толку свежо, но неговите способности се непоспорни. За разлика од наследникот, прегледноста на ванот е совршена. Паметно осмислената кабина нуди комфор. Задните седишта може да се лизгаат. Кога ќе се преклопи средното седиште, страничните се вовлекуваат навнатре. Така се добива многу простор. Контролата на стабилноста е стандард, патниците ги штитат најмногу осум водушни перници.

C-Max се одликува со динамични возни својства. На Ford му успеа вистински да го погоди подвозјето,исто како кај Focus. Управувањето, педалите и менувачот работат прецизно. Дизелот прави повеќе задоволство, отколку слабите бензинци. Има и алтернатива во погонот. Во 2005 година, Ford почна да го произведува ванот и во изведба со погон на метан. На некои пазари се продаваше и верзија со погон на етанол.

Возачите на бензинските модели обично се жалат на испразнет акумулатор, расипан анласер и на грешки во системот за напојување со гориво. Кај моделите со дизел мотор, во статистиките на дефекти се познати и случаи на проблеми со самиот мотор, како и со турбополначот, сензорот за воздух, сензорот за притисок и анласерот. Понатаму, треба да се провери дали е откачено некое црево од системот за воздух за турбополначот и дали е зачепен филтерот за честички. Генерално, дволитарскиот дизел важи како поиздржлив од 1.6 TDCi.

ШТО ВЕЛАТ ЕКСПЕРТИТЕ ОД ТУВ ЗА:

ПОДВОЗЈЕТО

Тоа е најчувствителното подрачје на Ford C-Max. Најмногу поплаки има за водењето на тркалата. Тие се почести кај Focus C-Max отколку кај наследникот. Подобра е ситуацијата со пружините и амортизерите, со злобовите од управувањето и со корозијата, којашто речиси и не се среќава. За разлика од системот за управување во првиот C-Max, кај моделот од втората генерација има повеќе проблеми во тоа подрачје.

СВЕТЛАТА

Поновиот модел има повеќе проблеми во овој поглед. За разлика од претходникот, кај C-Max се чести случаи со погрешно насочени светла, а прегорување на светилките во предните светла во првите години од производството се случува многу често.

СОПИРАЧКИТЕ

Тука нема причина за поплаки, сопирачките си се издржливи. Моќноста им е врвна, деловите се издржливи, трошењето е мало и кај двете генерации на моделот. Бројот на поплаки за сопирачките дискови е далеку под просекот во класата.

МОТОР / ИЗДУВ

Грижата кон животната средина е уште едно добро поглавје на C-Max. Маслото од моторот не протекува ниту во двете генерации на моделот. Во поглед на проблемите со контролата на работата на моторот, Focus C-Max ги има повеќе од просекот во класата, а тоа важи и за наследникот. Вообичаено за Ford: Издувниот систем на Focus C-Max покажува повеќе знаци на стареење во споредба со конкурентите.

КОЛКУ СЕ ЧЕСТИ ДЕФЕКТИТЕ КАЈ FORD C-MAX / FOCUS C-MAX ВО СПОРЕДБА СО КОНКУРЕНТИТЕ, според статистиката на TUV

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

ЗАКЛУЧОК

Добри се изгледите дека Ford C-Max и неговиот претходнк Focus C-Max нема да прават проблеми во секојдневието, исто како и на технички преглед. Во повеќето категории, ванот врз база на Focus е подобар од просекот. Единствено треба да се внимава на подвозјето и на издувот. Секако дека овие проблеми се почести кај Focus C-Max отколку кај наследникот. Затоа, пак, поновиот C-Max има повеќе проблеми со светлата. Тие кај овојо модел треба да бидат први на листата на проверки кога се разгледува користено возило.

>>> Секој втор продаден СУВ-модел на Ford е Puma

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi, BMW, Mercedes: Продажбата класа по класа

Audi, BMW, Mercedes: Продажбата класа по класа

Great Wall најавува хибрид и приклучен хибрид досег до 200 km

Great Wall најавува хибрид и приклучен хибрид, досег до 200 km