Концернот Great Wall постојано го привлекува вниманието на сцената. Неговите четири марки Haval, GWM Pickup, Wey и електричната Ora имаа мошне впечатлив настап на салонот во Шангај, со бројни новини и амбициозни најави. Сега доаѓаат и резултатите.
Осумнаесет проценти раст во продажбата е сон за повеќето од глобалните гиганти на автомобилската сцена во овие корона-времиња. Кинескиот концерн Great Wall ги постигнува овие вредности како од шега. Со 135.559 возила, продажбата на Haval, GWM Pickup, Wey и Ora во минатиот месец пораснала за 18% во споредба со истиот месец лани. Конернот дури прави споредба и со продажбата еден месец претходно. Во тој случај, продажбата во споредба со септември е за 15% повисока. Вкупно од јануари до октомври се продадени 816.249 возила.
Најголем дел од продажбата, односно речиси три четвртини (97.950 возила, >72%) отпаѓа на марката Haval што е специјализирана за СУВ-модели. Најпродаваниот модел на Haval е одлично познат и на нашиот пазар – H6 рано есеноска беше на тест во редакцијата – и во октомври се испорачал во 52.734 примероци ширум светот. Убедливи се бројките за растот: +30% во споредба со октомври 2019 и +30% во споредба со септември годинава. Уште еден триумф на Haval H6 е што тој веќе 89 месеци во низа е најпродаван СУВ-модел на кинескиот пазар.
Друг модел што му носи добра продажба на Haval е стилскиот СУВ, кој се води како член на моделското семејство „F“ и со слична техника како Haval H6 става нагласок на дизајнот и додава по малку престиж. Haval F7 во минатиот месец постигнал 13.090 продажби.
Нема да изненади ако третиот хит-модел на Haval наскоро почне да вози и по европски асфалт – доколку нешто од продукцијата остане за извоз. Haval Dagou оди на изглед по пример на G-Class, но тоа им успеало многу вешто на дизајнерите на GWM. Моделот уште е нов и во октомври постигнал 7.013 продажби. Од почетокот на продажбата се вкупно 10.058 примероци.
Great Wall со новата стратегија засилено ќе го гради имиџот во светски рамки преку својата пикап-марка GWM Pickup. Шест месеци во низа, продажбата на пикапите на Great Wall надминува 20.000 примероци, што е близу половина од пазарниот сегмент во Кина. Носечки модел во продажбата секако е новата генерација пикапи што се води под името Poer, како асоцијација на Power и воедно на митскиот лик Пао. Од GWM Poer во октомври се продадени 11.291 возила, односно за 125% повеќе отколку во истиот месец лани. Продажбата на овие пикапи годинава надмина 100.000 примероци.
Марката Wey е поставена како премиум-бренд на концернот и главно продава само на домашниот пазар. Понудата исто така се состои од СУВ-модели, кои во октомври постигнале 9.076 продажби. Топ-модел е Wey VV6, со 5.232 примероци во минатиот месец.
Четвртата, но мошне важна марка, се електричните возила Ora. Станува збор за малечки и достапни возила со погон на струја, што се доказ за зрелоста што ја достигна кинескиот пазар во поглед на електромобилноста – воедно и како најголем пазар за елеткрични возила во светот. Марката Ora во октомври има остварено 8.011 продажби. Пазарот ѝ расте осум месеци во низа. Ora Black Cat е бестселер со 6.289 примероци, за 287% повеќе од ланскиот октомври.
Билансот на кинескиот концерн го заокружува и стсатистиката за извозните пазари. Во минатиот месец, главно од марките Haval и GWM Pickup се испорачани 10.804 возила за извоз. Тоа е раст од дури 148 проценти во споредба со истиот месец лани, односно 39% во споредба со септември.