за

Новиот мотор на Great Wall избран во кинескиот Топ 10

Дволитарскиот бензинец што Great Wall Motor ќе го вградува во новата генерација модели е меѓу 10-те најдобри мотори од кинеско производство за 2020 година.

Новиот мотор на Great Wall избран во кинескиот Топ 10

Во светот постојат три важни избори на мотор на годината. Покрај Светски мотор на годината и Десетте најдобри мотори според Вордс Ауто, според важноста им се приближува единствено избор за Топ 10 Мотори на Кинеското Срце. Новиот мотор на Great Wall е меѓу 10-те најдобри, тоа е седми пат кинескиот концерн да освои награда на овој избор.

За важноста на изборот на најдобар мотор на годината во кинески рамки, нема потреба од многу образложувања. Како земја најголем производител на автомобили – и најголем пазар во светот – секако дека Кина произведува и најмногу мотори. Изборот за Топ 10 Мотори за Кинеското Срце веќе ужива високо реноме и светската сцена се интересира за исходот од тој избор.

Тоа што дополнително ни го привлекува вниманието на овие простори е фактот што меѓу десетте најдобри мотори од Кина се најде и новата погонска единица на концернот Great Wall Motors, чијшто СУВ-модел Haval H6 се вбројува меѓу најпријатните изненадувања на македонскиот пазар годинава.

>>> Тест · Haval H6 2.0 Supreme

Станува збор за мотор со ознака GW4N20, за кого концернот GWM нагласува дека е мотор од сопствен развој. Еден податок им е доволен на техничарите да се уверат во можностите на овој мотор. Топлинската ефикасност изнесува 38,3 проценти. За споредба, новата генерација мотори на Toyota постигнува ефикасност 41 проценти.

Секако дека Кина вложува многу и во развој на сопствена технологија. Моторот GW4N20 ќе влезе во големосериско производство во текот на годинава и ќе се вградува во новата генерација модели на концернот, кои ја користат платформата Lemon. Меѓу начелата според кои беше развиван новиот мотор се вбројуваат висока моќност, ниска потрошувачка на гориво и примена на висока технологија.

Четирицилиндарскиот бензинец од два литри се одликува со висока ефикасност, ниска емисија, ниска тежина и високи перформанси. Комората за согорување и вшмукувачките канали се оптимирани за високиот степен на компресија од 12:1. Моторот работи според милеров принцип, горивото се впрскува директно под притисок до 350 бари. Брегастите вратила користат двостепен режим, заради намалување на потрошувачката при ниски вртежи и зголемување на перформансите при високи вртежи.

Зад високиот степен на ефикасност стојат и електронската пумпа за вода и електронскиот темпомат, како и издувната гранка што е составен дел од главата на моторот. Брегастите вратила се шупливи, стеблото на вентилите е наполнето со натриум. „Деклата“ на моторот е изработена од пластика. Вклучувајќи ги останатите мерки во тој правец, тежината на моторот е смалена за 10 проценти.

Врвната моќност на моторот изнесува 180 kW, односно 245 КС, меѓу 5.500 и 6.000 вртежи, додека максималниот вртежен момент изнесува 385 Nm меѓу 1.750 и 4.000 вртежи. Тоа што на овој мотор му се отворени сите пазари ширум светот се должи на исклучително ниската емисија на штетни материи. Турбо-дволитарецот ја исполнува кинеската норма VI b+RDE, но и Euro VI d и други норми.

Кинезите уверуваат и во трајноста на моторот. Од почетокот на развојот во 2016 година до влегувањето во сериско производство, направени се 277 интервенции на повеќе од 200 компоненти на моторот. Тестирањето на издржливоста во концернот Great Wall Motor предвидува за 50% подолг рок. Тоа значи дека прототипите на моторот поминале и до 5.000 работни часови под полно оптоварување, без проблеми во функционирањето.

Great Wall го најавува и новиот 9-степен менувач со двојна спојка

Концернот го користи пласирањето на мотор во Топ 10 за да го најави и скорешното отпочнување со сериско производство на менувачите 9DCT / 9HDCT, исто така од сопствен развој и исто дел од платформата Lemon на GWM.

Менувачот 9HDCT е прв попречно вграден 9-степен менувач со двојна спојка. Тој зафаќа исто толку простор како 7DCT, но може да пренесува до 54% повисок вртежен момент. Тежината е намалена за 2,6%. Станува збор за верзија на менувачот 9DCT, којашто е наменета за хибриден погон. Техничарите на кинескиот концерн ветуваат и потрошувачка пониска за 7% од водечките производи на светскиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

toyota proace city promo

Toyota ProAce City со промо-старт од 13.135 евра

Volkswagen ID.3 premiera

Германија ќе покрива 9.000 € за електричен автомобил до 2025