Германија ќе продолжи да ги субвенционира автомобилите со електричен и приклучен хибриден погон до 2025 година. Купувачите моментно добиваат државна помош во висина до 9.000 евра.
Уделот на државата во основната субвенција во висина од 3.000 евра ќе продолжи до 2025 година, како што беше предвидено уште во почетокот. Новината е во тоа што Германија сега реши да продолжи со исплата на удвоената висина на субвенцијата во следните четири години, што беше усвоено во почетокот на корона-кризата. Тоа го договорија застапниците од автомобилската индустрија од повеќе сојузни држави, синдикални претставници, како и претставници од политичките партии, во присуство на канцеларката Ангела Меркел.
Првично беше планирано премијата да се скуси по 2021 година, но тој план е откажан. За возилата со приклучен хибриден погон да се квалификуваат за субвенцијата, по 2021 година тие ќе мора да поседуваат досег на струја подолг од 60 километри. Германија вкупно ќе издвои една милијарда евра за продолжувањето со субвенциите.
Моментно во Германија стојат на располагање над 700 моделски изведби на автомобили што подлежат на субвенционирање
Највисока субвенција добиваат купувачите на чисто електричен автомобил во вредност до 40.000 евра нето (со 16% ДДВ бруто 46.400 евра бруто). Тие можат да сметаат на субвенција во вкупна висина над 9.000 евра. Сојузните власти го зголемија уделот на државата на 6.000 евра, како дел од програмата за поддршка на стопанството во корона-кризата. На тоа се надоврзуваат уште 3.000 евра, кои ги покрива производителот на автомобилот.

Државата претходно ја зголеми субвенцијата во почетокот на 2020 година. Покрај тоа е значително поедноставена и процедурата за поднесување барање за субвенција. Премијата ја доделува Сојузната агенција за економија и контрола на извозот, којашто работи под Министерството за економија.
За да се исполнат поставените климатски цели до 2030 година, неопходно е по германските патишта дотогаш да сообраќаат меѓу седум и десет милиони електрични автомобили. Досега се покриени барањата на повеќе од 320.000 купувачи.
















