Seat важи како динамична марка во германскиот концерн и не пропушта да го покаже тоа во секој поглед. Целосно е освежена поставата во салонот на Seat, од спортски Tarraco FR и освежена Ateca, до Leon, „кралот“ на марката, кој брои одвај еден месец од македонската премиера.
СУВ-бранот ја донесе најцелосната моделска трансформација во Марторел. По раните обиди да се фати чекор со пазарниот сегмент што вози на „висока нога“, со Altea Freetrack во 2007 година, Seat денес има три СУВ-моделски серии во понудата. Есенва, во сите нив има по нешто ново. Tarraco, како најголем (покрај Alhambra) и најкомплетен модел во историјата на Seat, свежо е пристигнат во салонот на Seat во спортската изведба FR, Ateca има моделско освежување, додека најмалата Arona му парира на Tarraco, со нејзината варијанта на FR.
Вниманието, сепак прв го привлекува Leon, како најдолго познато моделско име на Seat во актуелната салонска постава и воедно модел што македонскиот пазар го познава одлично уште од првата генерација. Порше го нуди моделот во три нивоа на опрема, Style, Xcellence и FR. За ориентација на нивото на цени на шпанскиот компакт: Во верзија со 1,5-литарски TSI со 150 КС и мануелен менувач, во спортската изведба FR, Seat Leon чини 23.234 евра. Понудата од мотори ја комплетира 2.0 TDI во верзии со 115 и 150 КС.
https://photos.app.goo.gl/KpJCaqoPiBTtkkE19
Алу-тркала се стандард во сите нивоа на опрема, исто како и автоматски клима уред, електрична паркирна сопирачка, пристап без клуч, диодни предни светла, инфо-занавен систем со дисплеј од 8,25 инчи, темпомат, спортски кожен волан со команди за радио и телефон. Покрај ставките што го сочинуваат спортскиот карактер, во нивото FR следат уште дигитални инструменти, собирање на ретровизори на копче, диодни задни светла, паркинг сензори назад и камера.
https://photos.app.goo.gl/DsQXQuzrzGxX9gjq5
Пакетите на опрема за Leon се сензационални, во поглед на противвредноста. Конкретно за FR е скроен посебен пакет, што опфаќа навигација и дисплеј од 10 инчи, говорни команди, 8 звучници, зимски пакет (грејачи на седишта, волан и прскалки за ветробран), машински обработени тркала, комплетно диодни предни и задни светла, паркинг сензори напред со помош при паркирање и сензор за светла и дожд. Целиот пакет чини 1.128 евра, додека при одделно нарачување на ставките од опремата во пакетот би требало да се плати вкупно 3.046 евра – тоа е заштеда од 1.918 евра.
https://photos.app.goo.gl/idBVX94uUosHM5Sh6
Главниот пазарен борец моментно е Ateca, којашто во новото моделско годиште доби освежувања во надворешниот стил и во кабината, вклучувајќи нови можности за онлајн-поврзување и нови системи за асистенција. Нивото на опрема Xperience е новина во гамата на Ateca, а тоа е воедно и нивото на салонскиот примерок. Од лансирањето во 2016 година, компактниот СУВ надмина 300.000 продажби, од кои близу 100.000 се постигнати само во 2019 година.
https://photos.app.goo.gl/whX8NMmqSRmvrkb77
Промените во изгледот се однесуваат на новиот и предниот браник, како и додавањето на опцијата за целосно диодни предни и задни светла, заедно со динамични трепкачи. По малку драматика внесуваат деталите во стил на издувни цевки. Новиот модел се препознава најлесно по името Ateca што назад е напишано ракописно. Xperience исто така се распознава јасно, по црните браници, прагови и арки, со панели со изглед на алуминиумски финиш.
https://photos.app.goo.gl/rraL8RKqoia627he8
Комбинацијата од мотори и менувачи моментно опфаќа три бензински (1.5 TSI со 150КС, со мануелен или DSG-менувач, и 2.0 TSI со 190 КС, DSG и 4Drive) и четири дизел изведби (2.0 TDI со 115 и 150 КС, плус опција за DSG и DSG и 4Drive за посилната верзија).
https://photos.app.goo.gl/dtDcJDntoQAkgCVv6
Tarraco тронува како знаменосец на Seat во изведбата FR, што има фантастично долга традиција во Seat и има голем удел во имиџот на марката. Спортската изведба стартува од 35.046 евра, со 1,5-литарски TSI со погон напред. За споредба, нивото Style со истата погонска комбинација чини 31.761 евра. Тоа што FR го нуди дополнително од Style се алу-тркала од 19 инчи со гуми 255/45, хромирани кровни шини, безжичен полнач за телефон, систем од камери со приказ во 360 степени и камера за рикверц, навигација, говорни команди и поврзување Full Link, но и просписобливо подвозје ACC, спортски седишта, електрика и меморија за возачко седиште, плус греење на предни и задни седишта и алуминиумски плочки на праговите.
https://photos.app.goo.gl/7MQVkgRisxZoHVfXA
Спортското ниво FR е достапно уште со мотор 2.0 TDI во верзија со 150 или 190 КС, при што посилната изедеба доаѓа стандардно со DSG и погон на сите тркала, како и со 2.0 TSI со 190 КС и исто така со погон на сите тркала и менувач DSG.
https://photos.app.goo.gl/kWmm6zHTS4tuLQ1d8
Исто како и останатите две нивоа на опрема, во FR исто така може да се нарача трет ред седишта, за што се доплаќа 769 евра.
Има и интересна најава. В година пристига Cupra, како посебна спортска марка на Seat, со првата самостојна моделска изведба, со спортскиот СУВ-модел Formentor.
>>> Seat 1430 против новото комби Leon Sportstourer

















