за

BMW вложува 400 мио. € во фабрика за електрични возила во Минхен

BMW ќе гради нов погон за монтажа на електрични возила во кругот на матичната фабрика во Минхен, на местото на хала стара близу 100 години.

BMW вложува 400 мио. € во фабрика за електрични возила во Минхен

Нов погон за монтажа на електирчни возила ќе се гради во кругот на фабричкиот комплекс на BMW во седиштето во Минхен. Милан Недељковиќ, директор за производство во BMW AG најавува дека до крајот на 2022 година, во секоја фабрика во Германија ќе се произведува најмалку по еден целосно електричен автомобил.

Фабричкиот комплекс на BMW во Минхен се проширува и обновува постојано. По доградбата на халата за изработка на каросерии и по новата лакирница што почитува врвни стандарди за заштита на животната средина, во периодот меѓу 2016 и 2018 година, Баварците најавуваат следен чекор. До 2026 година ќе се вложат околу 400 милиони евра во нов погон за монтажа на возила. „Постојано ја унапредуваме фабриката во Минхен во насока на електромобилноста и создаваме ефикасни и конкурентни производствени структури за таа цел“, изјавува директорот за производство Милан Недељковиќ.

Идните процеси во монтажата и изработката се раководат според нова т.н. кластер-архитектура, што е ориентирана кон електричниот погон. Новата архитектура ќе стартува во средината на деценијата. Новите процеси првпат ќе се применат во идните погони што групацијата ги гради во Дебрецин, Унгарија. Тие процеси понатаму ќе се воведуваат во светската мрежа од производствени погони на BMW.

Новата фабрика за монтажа во Минхен се гради на просторот на денешната фабрика за мотори. Продукцијата на мотори со четири, шест, осум и 12 цилиндри, оттаму се сели во Штајер, Австрија и во Хамс Хол, во Велика Британија.

Преселувањето на производството на мотори ќе се одвива до 2024 година. Дел од вработените ќе се преселат во главниот центар за електричен погон во Динголфинг, кадешто бројот на вработени ќе се зголеми од сегашните илјада лица на 2.000 лица. Од 2009 година, групацијата обучи над 50.000 лица да работат со електричен погон.

Новата фабрика на BMW во Минхен ќе следи три начела: Трансформација кон електромобилност и дигитализација, ефикасност на процесите и структурите, како и одржливост во производството и логистиката.

Електромобилноста напредува во целата производствена мрежа на BMW. Годинава во фабриката Дадонг во Кина започна изработка на BMW iX3. Следната година во Минхен стартува BMW i4, додека од Динголфинг ќе пристига BMW iX. Претстојат и целосно електрична изведба на новите BMW Серија 7 и Серија 5. Понатаму, во 2022 година во Регенсбург стартува производство на новиот BMW X1, кој освен во верзии со мотори со внатрешно согорување, ќе се нуди и во чисто електрична изведба. Во 2023 година, во Лајпцих, фабриката во којашто од 2013 година се произведува електро-иконата i3, стартува наследникот на Mini Countryman, исто во верзии со обични мотори и со чисто електричен погон.

Големата новина од Минхен е првиот BMW iX

BMW вложува и во сопственото производство на компоненти за електричен погон. Во Динголфинг ќе се произведува интегрираниот електричен погон од петтата генерација, заедно со нова генерација батерии. Во Лајпцих и Регенсбург моментно се градат погони за батериски модули и батерии, кои ќе стартуваат во 2021 година. Во исто време се зајакнува и производството на куќишта за електричен погон во Штајер, Австрија.

>>> Големата новина од Минхен е првиот BMW iX

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Seat salon

Seat со освежена салонска постава, ѕвезда е Tarraco FR

Седуминутна снимка од производството на Škoda Octavia

Седуминутна снимка од производството на Škoda Octavia