за

Gran Coupe е поубавата „тројка“ на BMW

Со купе лимузината од средната класа Баварците го напаѓаат помалечкиот Mercedes CLA, а на своите верни купувачи им нудат елегантна каросерија што ја засенува класичната лимузина.

Баварците во последно време му посветија многу внимание на погонот на струја, со моделите од „електричната“ подмарка iBMW, најавија дури и ван, а решија и идната генерација на серијата 1 да ја префрлат на преден погон. Традиционалистите ќе помислат дека BMW заборава на својата матична клиентела. Секако дека тоа нема да се случи, BMW само ја проширува понудата, притоа не заборавајќи ја основната вештина – да му понуди на светот спортски машини за уживање во возењето. Како на пример купе лимузината од серијата 4, веќе вообичаено со ознаката Gran Coupe.

Воведувањето на Gran Coupe од серијата 4 го разјаснува стратешкиот потег на BMW, новите каросериски деривати да се префрлат во комплетно нова серија. Класичната лимузина, комбито Touring и комболимузината Gran Turismo продолжуваат да се водат под серијата 3, додека кабриолетот, купето, а сега и купе лимузината одат под серијата 4. Повисока бројка логично наведува на автомобил од повисока класа.

Убавицата е долга 4,64 метри и со изгледот се раководи според големото Gran Coupe од серијата 6, постигнувајќи елегантна силуета на класично купе со две врати. Нема сомневање дека со оваа фигура Gran Coupe ќе ги собере купувачите што се двоумат меѓу него и лимузините од серијата 5.

М4 Gran Coupe? Само празни надежи, тоа нема да се случи

Лошата вест е тоа што BMW не планира да ја понуди купе лимузината во верзија M4. Засега. Лимузината М3 е премногу тазе на пазарот за да се дозволи таков силен конкурент. Затоа, врвен модел во понудата ќе биде 435i Gran Coupe со 306 КС. Поголемиот дел од понудата на мотори отпаѓа на четирицилиндарци. Во почетниот период ќе бидат достапни 420i и 428i со 184 и 245 КС, како и двата дизела 418d и 420d. Натаму ќе следат шестцилиндарски дизел и дополнителни верзии со погон на сите тркала. Продажбата на германскиот пазар ќе почне кон крајот на јуни, со 428i и 420d, исклучиво во верзија xDrive.

201401-P90141804-zoom-orig

Големиот стил оди под рака со практича кабина

Освен со дизајнот и со комоцијата за четворица патници во кабината, новиот член во серијата 4 ќе привлекува и со приспособливиот багажник. По отворањето на задниот капак со помош на електромотор и по соборувањето на задната клупа во сооднос 40:20:40, багажникот со стандардна големина од 480 литри ќе порасне на 1.300 литри.
Цените за германскиот пазар се веќе објавени. Ценовникот стартува со 420i за 37.750 евра, што е исто како за класичното купе со две врати од серијата 4. Топ модел е 435i Gran Coupe во верзија со осумстепен автоматик и цена од 49.950 евра.

Никогаш досега BMW не понудил поголема разновидност од модели во средната класа. Покрај лимузината, комбито Touring, напумпаниот 3 Gran Turismo, купето и кабриолетот од серијата 4, сега доаѓа уште купе лимузината со четири врати Gran Coupe. Недостига само уште стилско комби по пример на Shooting Brake на конкурентот Mercedes. Но, и тоа може да се појави некој ден.

http://youtu.be/0KD2VfELYx0

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Куба без граници: Peugeot 206 за 70.000 евра

Felino cB7 е толку брз што ретровизори не му се потребни