за ,

Куба без граници: Peugeot 206 за 70.000 евра

Од неодамна Куба дозволи купување нови автомобили. Проблемот е во тоа што никој не може да си ги дозволи, автомобилите се продаваат по неразумни цени. Државата скапо ја наплаќа слободата.

Таму каде што живее комунизмот, проблемите умираат. Ова е само пример за пропагандните пораки што со децении го реметеа логичниот разум на народот на карипскиот остров. Далеку од тоа дека Куба нема проблеми. Автомобилите се еден од главните споредни проблеми.
Во јануари 2011 година на Конгресот на Комунистичката партија беше донесен законскиот акт во 188 членови со кој се дозволи приватното стопанство да увезува нови автомобили од почетокот на годинава. Тоа беше една од последните мери на претседателот Раул Кастро. Теоретски се овозможи секој Кубанец да купи нов автомобил. Само теоретски.

Со просечна плата од 30 евра, нов автомобил не се купува ниту во десет животи

Цените во салоните за нови автомобили се неверојатни. Peugeot 508 се продава за 263.185 пезоси, односно околу 190.000 евра. Ниту малечкиот Peugeot 208+ не е многу поевтин. За него се потребни околу 70.000 евра. Со просечната кубанска плата од 30 евра месечно, автомобил по овие цени не може да се купи ниту во десет животи.

Парите од акцизите се наменети за изградба на мрежа за јавен превоз

Главниот проблем е во тоа што и натаму постои државниот монопол на нови автомобили. Државата забранува нови автомобили да се купуваат во странство. Министерството за транспорт воведе посебна акциза за неколкуте модели што се достапни на кубанскиот пазар. За иронија, парите што доаѓаат од продажбата на нови автомобили се наменети за фондот за изградба на мрежа за јавен превоз.

Половината од 650.000-те автомобили се државни

Нови возила досега можеа да си дозволат само лекарите, адвокатите, спортистите или уметниците, кои со текот на годините имаат создадено огромен капитал. На Куба се регистрирани околу 650.000 автомобили, од кои половината е во државна сопственост. Концернот Geely, меѓу другото сопственик и на шведскиот производител Volvo, веќе ги направи првите чекори на островот на Карибите. Околу 10.000 малечки автомобили со знакот на кинеската марка се возат на Куба, а кон крајот на следната година треба да започне изградба на фабрика.
Hyundai, Kia и Renault исто така се пробиваат на пазарот и планираат до 2016 година да отворат филијала на островот. Менаџерите на големите концерни очекуваат монополот да падне најдоцна за десет години. Тогаш новите автомобили ќе чинат исто колку и во нормалниот свет.

И користено Punto чини 20.000 долари

Од целиот возен парк, само пет проценти се нови автомобили. Повеќето Кубанци не можат да си дозволат ниту малечок користен автомобил. Kia Picanto старо три години чини 43.000 долари, а за Fiat Punto од 2008 година се потребни 22.000 евра. За тие пари во Европа може да се купи стар Ferrari.
Автомобилите отсекогаш биле скапи во Куба, поскапи и од двособен стан. Со државниот монопол експлодираа цените, па дури и на непопуларните олдтајмери од руските марки. Во 1970-те и 1980-те години Lada и Moskvich се продавале за 4.500 пезоси, додека денес автомобили од истите годишта чинат меѓу 10.000 и 15.000 пезоси.

Вредни олдтајмери какви што посакува секој музеј и секој коленционер

Во 1959 година на карипскиот остров имало 192.000 американски автомобили, од кои денес се останати околу 48.000. Овие неуништливи крстосувачи веќе се постари и од нивните сопственици и директорите во секој музеј во светот би биле пресреќни да добијат некој од тие ретки автомобили во својата колекција.
Лимузините носат знак на Cadillac, Pontiac, Plymouth, Oldsmobile, во оригинална или репарирана состојба, со неколкупати свртена километража или со заменет мотор од Hyundai и Mitsubishi. Овие автомобили ги имаат купувано Кубанците или се оставени од Американците, откако контролата ја презеле востаниците на Фидел Кастро.
Најголемата промена по ослободувањето на увозот на нови возила е тоа што сопствениците на олдтајмерите ќе можат да заработат многу при продажбата на возилата. Поради високите цени на новите возила нема значително да се промени уличната слика на улиците на Хавана, каде што олдтајмерите и натаму ќе доминираат.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel Corsa возвраќа на фејслифтот на Polo

Gran Coupe е поубавата „тројка“ на BMW