Новиот автомобил на Гордон Мареј е од ултра-категорија

Gordon Murray Automotive T.50
Gordon Murray Automotive T.50

Гордон Мареј конструираше наследник на легендарниот McLaren F1. Автомобилот со невпечатлива ознака T.50 поседува атмосферски V12 што врти највисоко во историјата и чини колку средна компанија.

McLaren F1 има неофицијален наследник. Тоа е Gordon Murray Automotive T.50, неофицијален единствено поради тоа што не го носи знакот на McLaren, но затоа е конструиран од истиот човек како една од најголемите моделски легенди во автомобилската историја. Гордон Мареј со T.50 повторно ја реализираше својата замисла за суперспортски автомобил – поточно, ултраспортски автомобил. Моќноста изнесува 663 КС, која можеби и не е најимпресивна, но е вредност што ќе влезе во историјата како моќност на еден од последните „аналогни“ ултраавтомобили.

Исто како McLaren F1 од 1993 година, наследникот има средишно вграден мотор, лесна конструкција, три седишта со возачкото седиште во средина. Понатаму, T.50 поседува и атмосферски V12, мануелен менувач, и секако, карбонска школка. Традицијата продолжува и во поглед на цената. Новиот автомобил на Гордон Мареј вреди близу 2,6 милиони евра (2,36 милиони фунти) и ќе се изработи во само 100 примероци. Првите примероци ќе бидат испорачани во јануари 2022 година.

GMA T.50 тежи половина од Bugatti Chiron

Спектаклот околу автомобилот почнува таму кадешто моќните автомобили се најчувствителни, во тежината. Со 986 килограми, T.50 тежи приближно колку родстерот Mazda MX-5 и тежи половина од Bugatti Chiron. Ова врвно достигнување се должи на карбонската школка што тежи одвај 150 килограми и на карбонската каросерија.

https://photos.app.goo.gl/WDQqbEGpaQc6P6wq8

За разлика од останатите ултра, хипер и суперавтомобили, дизајнот на T.50 е мошне едноставен и без премногу рабови, крилца и спојлери што изгледаат опасно. GMA нагласува дека место тоа е ставено повеќе нагласок на интелигентната аеродинамичност. Тука е воедно и една од најголемите револуции во овој автомобил. Вентилатор со дијаметар од 400 милиметри го зајакнува потпритисокот што се создава под подот на возилото, заедно со активна аеродинамика во подот. Во овој случај буквално важи дека T.50 лежи како да е залепен за патот.

Гордон Мареј го примени вентилаторот уште во формула 1, во Brabham BT46B со 1978 година

Техниката со вентилатор ја користеше Chaparral Cars во својот 2J уште во 1970 година, а осум години подоцна овој ефект на „правосшмукачка“ беше применет и во формула 1, во Brabham BT46B. Нормално, човекот што ја примени техниката е никој друг освен Гордон Мареј. За аеродинамичноста да се искористи на најдобар можен начин, возачот може да избира меѓу шест модуси – Auto, High downforce, Streamline, Braking, Test, Vmax.

Друга посебност на T.50 е повеќе од филозофска природа. Според производителот, Gordon Murray Automotive T.50 не е развиван со цел да постигне одредена крајна брзина или моторот да располага со одредена моќност. Инженерите биле посветени на целината на автомобилот и на возачкото доживување. Затоа и кокпитот со седиште во средина, со менувач во H-шема и со аналогни инструменти е вонвременски. Од истите причини, Т.50 не користи турбо или хибриден погон, туку само мотор V12, но таков што е изработен според сите знаења и располагања на денешницата.

https://photos.app.goo.gl/429AZ2HmREzzXhQU6

Атмосферецот од 3,9 литри е развиен во соработка со специјалистот Cosworth и тежок е 178 килограми. Моторот за ориентација врти трипати побрзо од денешните дизели. Со максимум на 12.100 вртежи, ова е најбрзиот мотор што е вграден во сериски автомобил во историјата. Моќноста од 663 КС се постигнува при 11.500 вртежи. Литарската моќност изнесува 167 КС. За споредба, четирилитарскиот боксер во Porsche 911 GT3 RS постигнува 130 КС на литар зафатнина. Вообичаено за атмосферските мотори, вртежниот момент не постигнува екстреми. Највисокиот вртежен момент од 467 Nm се постигнува при 9.000 вртежи, но затоа 330 Nm стојат на располагање уште од 2.500 вртежи.

GMA уште не ги открива перформансите на T.50. Но, тоа нема да промени многу. Затоа и од британската компанија самоуверено укажуваат дека во нивниот автомобил работи V12 со најдобриот звук во историјата.

https://photos.app.goo.gl/E7J7BXHbyeha7SBu7

https://photos.app.goo.gl/EjHieTGWPRLghv6Y8

https://photos.app.goo.gl/1BzfdVrNU5zAXbk46

https://photos.app.goo.gl/o2ByqhfQEtWfS83q9

>>> Таткото на McLaren F1 создаде кола со најнапредна аеродинамика

 

Претходна објаваLand Rover го изгуби спорот околу дизајнот на Defender
Следна објаваBP ќе произведува помалку горива и вложува во чисти технологии

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here