за

Таткото на McLaren F1 создаде кола со најнапредна аеродинамика

Gordon Murray T.50
Gordon Murray T.50

Автомобилската компанија на Гордон Мареј, прочуен конструктор на болиди во формула 1 за Brabham и McLaren, прочуен и по McLaren F1, ги објави првите детали околу новиот суперавтомобил T.50. Моментно се тестира аеродинамичноста во воздушниот тунел на тимот Racing Point Formula One (поранешен Force India) во Силверстоун. Професор Мареј ветува најнапреден автомобил во светот, во поглед на основната конструкција и во поглед на аеродинамичноста. Премиерата е во следната пролет.

GMA, кусо од Gordon Murray Automobiles, првпат објавува и фотографија од суперавтомобилот T.50, кој ќе има јавно деби в година во мај. Дизајнот секако дека е дело на Професорот, заедно со дизајнерскиот тим што работи под Gordon Murray Design.

Највпечатливиот „детал“ кај T.50 е вентилаторот со пречник од 400 милиметри назад, кој е дел од уникатен систем за водење на воздушните струи. Тоа, во комбинација со активната аеродинамика што е сокриена во самата каросерија и со динамичните задни перки, ќе овозможи овој суперавтомобил да се прилепува за асфалтот како никој друг автомобил од сличен ков, а со тоа ќе се постигне и единствено возачко искуство.

New photo by Automedia MK / Google Photos

GMA T.50 поседува шест различни режими на работа на аеродинамиката. Најекстремен е Vmax Mode, со примена на технологија од мотоспортот, вклучувајќи и дополнителна моќност од стартер-генератор во 48-волтна мрежа, за постигнување системска моќност од 700 КС.

Во автомобил со цена од 2 милиони фунти може да се очекуваат само врвни достигнувања во секој поглед

Серијата од 100 примероци од T.50, кој само заради љубопитноста на светот чини божемни 2 милиони фунти (а, реално многу над тоа), веќе е резервирана од познати купувачи од цел свет. Испораките ќе стартуваат во почетокот на 2022 година.

На 980-те килограми на Т.50 ќе им се спротивставува Cosworth V12, со максимални 12.100 вртежи во минута, повеќе од кој било автомобил за редовен сообраќај досега. Погонот е назад, седиштата се во омилениот број на професор Мареј, три, со централно место за возачот во стил на борбен авион. Големиот конструктор ветува „аналоген“ автомобил, а соодветно на тоа и сите контроли во кокпитот се аналогни.

Формула 1 и натаму е мојата најголема пасија, поради што соработката со Racing Point во развојот на Т.50 ми претставува огромно задоволство. Сонував да конструирам патен автомобил со вентилатор уште од времето на тркачкиот болид Brabham BT46B во 1978. Системот во T.50 е уште понапреден од тој и ќе профитира во голема мера од искуството и ресурсите на Racing Point

Гордон Мареј

Вентилаторот има функција да го забрза струењето на воздухот под возилото и да го одведе преку контролните канали кои се дел од задниот дифузор. Ваквата структура му дозволи на Гордон Мареј да изведе едноставен дизајн на каросеријата на возилото, без потреба од масивни спојлери и канали. Струењето на воздухот воедно го лади и моторот.

Меѓу шесте функции на аеродинамиката спаѓа и „сопирањето“, кога задните преклопници ја удвојуваат потисната сила и овозможуваат примена на максимално дејство на сопирачките, со што патот се скусува за 10 метри при сопирање од 240 километри на час.

Во првото тромесечје од 2020 година се очекува отворање на центарот за клиенти на Gordon Murray Automotive во седиштето на компанијата во Дансфолд Парк.

Приказ на ефективноста на системот со вентилаторот што е вграден во опашот на T.50

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Gordon Murray Automotive – T.50 – Технички податоци

  • Конфигурација: Суперавтомобил со GT-карактер
  • Каросерија: Купе со три седишта, возачкото во средина
Димензии
  • Должина 4,349 mm
  • Ширина 1,850 mm
  • Висина 1,152 mm
  • Меѓуоскино растојание 2,700 mm
  • Ширина на предна трага 1,586 mm
  • Ширина на задна трага 1,525 mm
  • Тежина 980 kg
  • Школка / Каросерија
  • Монокок од карбон, преднапрегнат; Каросерија од карбон
Мотор
  • Тип / Ознака: Cosworth GMA
  • Конфигурација: V12, агол 65°
  • Зафатнина 3.994 cc
  • Две брегасти вратила по глава, варијабилна работа, 4 вентили
  • Подмачкување со сув картер
  • Максимална моќност 650 КС
  • Вртежен момент 450 Nm
  • Максимални вртежи 12.100 rpm
Погон и пренос
  • Погон назад, шестстепен мануелен менувач
Водење на тркалата
  • Напред две триаголни водилки со стабилизатор
  • назад две триаголни водилки со систем GSP
Управување
  • Со запчеста летва, со варијабилно серво

Конструкторот на McLaren F1 одликуван за Командант на Британската Империја

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

важност на екологија купување автомобил

Француски возачи: На 79% им е најважно автомобилот да биде еколошки

илон маск пикап паркинг

Илон Маск главна вест: Турнал знак со „сајбертракот“