
Враќањето на субвенциите за електрични автомобили во Германија, место да им помогне на домашните производители, може да предизвика контраефект и да оди во корист на кинеските марки, за да си ја зголемат продажбата на најголемиот пазар во Европа.
Експертите предупредуваат дека германската програма за субвенционирање во висина од 3 милијарди евра, може да предизвика нарушување на пазарот, што ќе им оди во прилог на странските марки. Германските производители се изложуваат на опасност дека повторно ќе им се преполови продажбата, исто како што се случи во 2023 година, откако беа укинати субвенциите.
Тековната коалициска влада на Германија е убедена дека програмата за субвенционирање ќе ги поттикне купувачите на најголемиот автомобилски пазар во Европа да се решат за електрично возило. Во минатата година, во Германија беа регистрирани само 1,4 процент повеќе возила со сите видови погон во споредба со 2024 година.
Со издвоениот буџет за субвенционирање во висина од 3 милијарди евра ќе се потпомогне купувањето околу 800.000 електрични и хибридни автомобили. Субвенциите се наменети за семејства со ниски и средни примања, односно за домаќинства што пријавуваат годишен данок до 80.000 евра. Владата ќе издвојува средства за помош при купување до 2029 година, во висина од 1.500 до 6.000 евра, зависно од видот на погон и од големината на семејството.
Берлин кон завршетокот на 2023 година ја прекина дотогашната програма за субвенционирање електрични и хибридни возила, што предизвика силен пад во продажбата на батериски електрични возила, со 27 проценти намален пазар во 2024 година.
Овојпат, програмата ги опфаќа и електричните возила со продолжувач на досег, но и возила произведени во Кина. Покрај тоа, помал износ на субвенционирање следи за возила со приклучен хибриден погон, со најмногу 4.500 евра, што е предвидено да трае до средината на 2027 година и услов е возилата да не испуштаат над 60 грами ЦО2 на километар, односно да постигнуваат електричен досег од најмалку 80 километри.
Помошта за купувачите важи за сите електрични возила што се регистирани од 1-ви јануари 2026 година натаму. Се најавува пуштање наменски вебсајт во мај 2026 година, преку којшто ќе се врши пријавувањето.
Краткорична корист, долготрајна болка
Експертите очекуваат дека субвенциите ќе ја забрзаат продажбата на електрични возила во Германија. Бенџамин Кибис, виш аналитичар за автомобилска индустрија во компанијата Датафорс, предвидува дека годинава во Германија ќе бидат регистрирани 60.000 електрични автомобили повеќе, отколку пред субвенциите. Со програмата ѝ се помага и на домашната индустрија, да ги избегне казните при пречекорување на границата за емисијата на ЦО2 од продадените возила со мотор со внатрешно согорување.
Субвенциите, сепак, ќе бидат само „привремен успех“, изјави познатиот германски експерт Штефан Брацел од Центарот за автомобилски менаџмент. „Тоа ќе создаде замав и раст што не се одрлжливи“, додаде Брацел.
Со субвенциите ќе се предизвика колатерална штета, вклучувајќи негативни реакции и ерозија на остаточната вредност на возилата“, напоменува Кибис. Тој вели дека субвенциите влијаат негативно врз вообичаеното движење на пазарот.
Продажбата на електрични возила забавува, затоа што купувачите очекуваат дека наскоро ќе добијат подобра понуда.
Од друга страна, купувачите итаат да ги искористат субвенциите и тоа ги охрабрува за порано да купат возило, за понатаму пред истекот на периодот за субвенционирање, да се случи силен пад во побарувачката за возилата што се субвенционираат.
Кибис цени дека тоа е проблем, затоа што „пазарот на електрични возила во Германија штотуку навикна да функционира самостојно“, без влијанието од привремена помош при купувањето.
Продажбата на БЕВ доживеа силен пад во 2024 година, откако беа укинати субвенциите, но таа повторно забрза во минатата година. Големите скокови во побарувачката водат кон неизвесност и кон цени што постојано се менуваат.
Помош за Кинезите, место за Германците
Најлошо е тоа што се цени дека субвенциите им одат во корист првенствено на кинеските електрични возила, место на германските марки.
„Тоа е луда идеја“, кажа познатиот автомобилски аналитичар Фердинанд Дуденхофер. „Кој победува? Секако, Би Уај Ди и останатите кинески производители на автомобили, исто и соперниците, како Пежо и Ситроен. Но, не и германските производители на автомобили. Место да ја подобриме конкурентноста на германската автомобилска индустрија, ги покануваме увозниците да продаваат електрични автомобили во Германија, користејќи ги парите од даночните обврзници.“
Според Кибис, подобро е приклучните хибриди да не бидат опфатени во новата програма. Што се однесува до вистинската емисијап при возење, хибридите имаат емисија на ЦО2 пониска за само 15% во споредба со просечен автомобил со бензински или дизел мотор.
Се очекува дека програмата за субвенционирње ќе има негативно влијание и врз пазарот на користени електрични возила. Тие ќе бидат привлечни само доколку се обезбеди голем попуст и кај нив. Како што се случи при претходната програма за субвенционирање, голем дел од тие возила ќе се извезат на други пазари.
Експертите велат дека е покорисно да се работи на обезбедување пониска цена за полнење на електричните возила. Доколку полнењето струја е поевтино од гориво, тоа ќе ја задвижи продажбата и на нови и на користени електрични автомобили, порачува Кибис. Со „поширока перспектива, пониските цени на струјата би решиле една од главните пречки за воспоставување на производство на батерии во Германија,“ оценува експертот.















