Германија најави до 6.000 евра субвенција за електрични автомобили

Со програмата што важи до 2029 година и располага со буџет од 3 милијарди евра, Германија ја поттикнува и сопствената автомобилска индустрија.

Фолксваген ја проширува понудата од електрични автомобили со ИД. Поло, што стартува со продажба во 2026 година и ќе чини под 25.000 евра.

Германија најави воведување на долгорочна програма за потпомагање на продажбата на електрични возила, за што издвои вкупно 3 милијарди евра.

Со новиот буџет за програмата на којашто почна да се работи во октомври, според германскот министер за животна средина Карстен Шнајдер, ќе се потпомогне купувањето околу 800.000 електрични автомобили.

Целта на германските власти е да им се овозможи на домаќинствата со ниски до средни примања да купат електричен автомобили, но и да им се даде поттик на производителите на автомобили, како концерните Фолксваген и Стелантис, коишто најавија бројни електрични модели со подостапни цени.

Владата ќе обезбеди средства за субвенции до 2029 година, во висина од 1.500 до 6.000 евра. Сумата зависи од моделот, како и од големината на семејството и висината на заработката на истото. Тоа го изјави Шнајдер за дневниот весник Билд.

Конференцијата за медиуми на којашто требаше да се соопштат поединостите околу програмата за субвенционирање е одложена за 19-ти јануари, објави владата.

Во објавата на весникот Билд не се наведува дали услов за добивање на субвенцијата е возилото да биде од локално производство.

Фолксваген е најпродавана марка електрични автомобили во Германија, пред БМВ и Шкода

Во изминатите години имаше силно осцилирање во продажбата на батериски електрични возила во Германија. Во минатата година, повторно се врати растот на тој дел од пазарот, по силниот пад во 2024 година, кога продажбата опадна за 27 проценти, поради наглото укинување на субвенциите од претходната влада на Шолц.

Продажбата на БЕВ (батериски електрични автомобили) во Германија во минатата година забележа раст од 43 проценти, со 545.142 возила. На БЕВ им припаднаа 19 проценти од целиот германски пазар лани. Најмногу продаде Фолксваген, пред БМВ, Шкода и Ауди.

Од продадени вкупно 560.786 автомобили на матичната марка на концернот Фолксваген лани во Германија, 102.339 се електрични. БМВ од вкупно продадени 253.712 возила, постигна 51.878 продажби на БЕВ. Кај Ауди, од вкупно продадени 205.862 возила лани во Германија, 40.530 се електрични.

Од субвенциите се очекува да донесат раст од 17 проценти во продажбата на батериски електрични автомобили во 2026 година во споредба со лани, соопшти здружението на германски производители на автомобили. Оттаму повикаа на брзо воведување на субвенциите.

Фердинанд Дуденхофер, главниот аналитичар во КАР, посочи дека податоците покажуваат постојано зголемување на уделот на БЕВ, што главно се должи на подостапните цени на моделите.

„Субвенциите немаат економска смисла и претставуваат само непотребно оптоварување на националниот буџет,“ порачува Дуденхофер.

Новите БЕВ до подостапни цени ќе ја поттикнат продажбата

Германија неколкупати ги пропушти целите да го зголеми бројот на електрични автомобили по патиштата, иако постојат изгледи дека ситуацијата се подобрува.

Производителите годинава започнаа со испорака на подостапни електрични модели, со цел да се зголеми продажбата. Наскоро треба да стартува Фолксваген ИД. Поло, за којшто се очекува цена под 25.000 евра во Германија. Силен притисок врз европските производители доаѓа од увозот на подостапни БЕВ од Кина, главно од марката Би Уај Ди.

Во Обединетото Кралство, најголем пазар за кинески БЕВ во Европа, од субвенциите воведени во минатата година беа исклучени кинеските автомобили. Како образложение за тоа беше наведена високата емисија на ЦО2 при изработката на батерии и при монтажата на возилата. Франција воведе слична програма за лизинг, наведувајќи слично образложение за исклучување на кинеските БЕВ.

Германија ги враќа субвенциите, 5.000 евра за нов електричен автомобил

Уште се работи на поединостите околу субвециите во Германија. Поднесувањето барање за субвенција ќе важи ретроактивно, од 1-ви јануари натаму. Билд соопшти и дека во мај треба да биде пуштен вебсајт, преку којшто ќе се одвива постапката. „Тоа е поттик за домашната автомобилска индустрија,“ оцени Шнајдер.

Владејачката коалиција на конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц и социјалдемократите на Шнајдер ја најавија програмата во октомври, како дел од пошироката програма за поддршка на домашните производители на автомобили.

Мерц беше меѓу најгласните поборници во кампањата којашто имаше за цел да изврши притисок врз Европската Унија, да се отстапи од забраната за продажба на нови возила со мотор со внатрешно согорување по 2035 година. Се бараше и спуштање на строгите лимити што ја ограничуваат емисијата на ЦО2 и ги изложуваат производителите на строги казни при неисполнување на целите.

Неговата влада го продолжи и ослободувањето од годишниот данок на возило за БЕВ до 31-ви декември 2035 година, што според министерството за финансии ќе ѝ скуси 600 милиони евра од приходите на државата до 2029 година.

Претходна објаваГерманското автомобилско лоби предупредува за последиците од царините на Трамп поради Грендланд
Следна објаваШкода трета најпродавана марка во Европа, меѓу ретките марки со раст лани

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here