Германија ги враќа субвенциите, 5.000 евра за нов електричен автомобил

Од следната година, Германија ќе го помага купувањето електрични и приклучни хибридни автомобили со најмногу 5.000 евра. Еден детал не им се допаѓа на Германците.

Фолксваген ИД.7 е најпродаван електричен автомобил во Германија, со близу 30.000 возила до октомври; Целиот БЕВ пазар во земјата брои околу 435.000 возила до октомври

Црно-црвената сојузна влада ги соопшти плановите за новото субвенционирање на купувањето електрични и хибридни автомобили. Целна група се првенствено приватни корисници со ниски до средни примања. Освен електрични автмобили, ќе се потпомага и купувањето приклучни хибриди.

„Сакаме да дадеме поттик, со цел кај корисниците да се зголеми побарувачката за возила со ниска емисија во патниот сообраќај и да се поддржи преоѓањето на мобилност што не е штетна за климата“, стои во заклучниот документ на коалициските партнери.

Горниот праг се 80.000 евра годишен приход

Меродавен критериум за субвенцијата е висината на годишниот данок што е пријавен за даночење. Како горен праг е одредено 80.000 евра по домаќинство. За секое дете, овој праг се поместува за по 5.000 евра. Почетниот износ на субвенцијата е 3.000 евра. Тој се качува за 500 евра за секое дете, горниот праг е 1.000 евра.

За домаќинствата што имаат чисти месечни примања под 3.000 евра, следи дополнителен поттик во висина од 1.000 евра. Тоа значи дека вкупната висина на субвенцијата може да достигне најмногу 5.000 евра.

Субвенционирано возило не смее да се отуѓува веднаш, но колкав е тој период?

Периодот во којшто возилото со субвенционирана цена не смее да се отуѓува не е одреден ниту при купување на возилото, ниту при лизинг. Сојузната влада одреди и услов за „локално произведена содржина“. Тоа значи дека возилата што одговараат на условите треба целосно или во поголем обем да содржат делови произведени во Европа. Поединостите околу субвенцијата ќе бидат објавени до завшетокот на годинава.

Уште не е одреден почетокот на субвенционирањето

Неизвесно е дали субвенцијата ќе почне да важи уште на 1-ви јануари. Програмата ќе започне „колку е можно порано во 2026 година“ стои во документите, со тоа што претходно треба да одобри Комисијата на ЕУ.

Сојузната влада предлага да се издвои буџет во висина од три милијарди евра од посебниот фонд за клима и трансформација. Според германските политичари, со таа сума би се помогнало купувањето до 600.000 возила.

Можно субвенционирање на близу милион автомобили

Оваа пресметка сепак важи само во случај да се субвенционира со највисокиот износ од 5.000 евра по возило. Доколку се пресметува со основната висина од 3.000 евра, тогаш математички излегуваат еден милион возила. Така се добива и опсегот на можниот исход, од најмалку 600.000 до најмногу еден милион возила.

Црно-црвената коалиција уште во октомври соопшти дека планира да ја врати субвенцијата. Во тоа време, уште се спомнуваше дека субвенциите ќе важат и за користени електрични и хибридни автомобили. Тоа повеќе не се спомнува.

„Неодредено во суштинските точки“

Плановите главно наидуваат на одобрување во автомобилската бранша. Имелда Лабе, претседателка на светското здружение на производители на моторни возила ВДИК, цени дека тоа е „важен сигнал“. Но, таа наведува дека субвенцијата е „неодредена во главните точки“.

Посебно се критикува тоа што користените возила се исклучени од субвенциите. „Ако навистина е целта да се овозможи социјална мобилност, мора да се вклучи пазарот на користени возила“, порачува Лабе. Посебно домаќинствата со средни и ниски примања се тие што обично купуваат користени возила.

[the_ad id=”85764″]

Се стравува дека ќе падне вредноста на користените возила

Можно е, насочувањето на субвенцијата строго кон нови возила, дополнително да го забрза опаѓањето на вредноста на користените електрични автомобили. „Доколку сојузната влада одреди нова електро-субвенција за нови автомобили, тоа може да влијае и врз остаточната вредност на користените возила, зависно од нејзиното поставување и од висината“, вели Мартин Вајс, пазарен експерт во ДАТ.

Според истражувањата на ДАТ, електричните автомобили по три години задржуваат околу 50 проценти од цената на ново. Кај возилата со мотор со внатрешно согорување се преку 60 проценти.

Дополнително поттикнување на опаѓањето на вредноста на користените ќе се пренесе и врз пазарот на нови автомобили. Ратите за лизинг на нови возила главно се одредуваат според остаточната вредност на користените возила.

„Единствено кога добиваме добри остаточни вредности, можеме да понудиме достапни рати на лизингот за новите автомобили,“ овјаснува Томас Пекрун, претседател на централното здружение за моторни возила ЗДК.

Скапата струја ги кочи купувачите

Здружението ја поздравува планираната субвенција, но бара да се даде поттик и за користените возила. Исто како ВДИК, тие ценат дека високите сметки за струја се меѓу главните пречки за посилен пробив на електромобилноста и затоа предлага ваучери за полнење.

Тие би биле привлечни и за пазарот на нови и за користени возила. „На тој начин, ќе допреме до купувачките и купувачите од чувствителните групи на примања, коишто не можат да си дозволат нов автомобил и се решаваат за користен“, цени Пекрун.

Експертот од ДАТ, Вајс, го дели мислењето дека треба да се оди на сметките за струја: „Гледам со скепса кон премиите за купување и социјалниот лизинг. За да се даде потребниот поттик за електромобилноста, клучно е на сите да им овозможиме пристап до поповолни цени на струјата.“

Електрична Киа втор најпродаван модел во Македонија во октомври

Согласност од германското здружение на производители

Здружението на автомобилската индустрија ВДА, даде генерална согласност за плановите на сојузната влада. Претседателката Хилдегард Милер цени дека тоа е „добра вест.“

ВДА посебно се задоволни од тоа што ќе се субвенционираат и приклучни хибриди. Но, коалицијата мора итно да се вклучи и кај товарните возила. Земајќи предвид дека останатите земји веројатно ќе воведат слични мерки, ВДА е против условот за субвенцијата да важи само за локално произведени возила.

Претходна објаваПоранешниот шеф на Сеат произведува џин, името е многу звучно
Следна објаваРено Твинго: Пет приказни од Франција, Словенија и Кина, за брзиот развој и достапната цена на новата генерација

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here