Трамп најави дека од 1-ви февруари ќе воведе 10 проценти царина за производи од европските земји што се здружија во поддршката за Гренланд, откако САД се заканија дека ќе ја заземат самостојната данска територија.
Во објава на друштвените мрежи, Трамп изјави дека давачките понатаму ќе ги зголеми на 25 проценти, додека не се постигне „договор за конечно и целосно купување на Гренланд“. Давачките ќе важат за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија и Финска, рече Трамп.
ВДА предупреди дека царините ќе им наметнат „огромни“ трошоци на германските и европските производители на автомобили.
САД за клучен извозен пазар за Фолксваген, БМВ и Мерцедес-Бенц.
„Сега е клучно Брисел да излезе со паметен и стратешки одговор, во координација со засегнатите земји“, изјави претседателката на ВДА, Хилдегард Милер.
Трамп пред новинарите изјави дека САД се отворени за преговори со Данска и со засегнатите европски земји.
„Зборуваме за купување — не за изнајмување, не за краткорочно користење, зборуваме за купување, а ако ние не го направиме тоа, ќе го направат Русија или Кина, а тоа нема да се случи додека јас сум претседател“, рече Трамп.
Соопштението е насочено кон неколку членки на НАТО. Францускиот претседател Емануел Макрон ги нарече заканите на Трамп „неприфатливи“. Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека неговата земја нема да биде „уценувана“, а британскиот премиер Кир Стармер ја нарече примената на царини кон сојузниците во НАТО „целосно погрешна“.
Белата куќа не одговори веднаш на прашањата за тоа кој правен авторитет ќе го користи Трамп или како ќе примени поединечни царини кон земјите-членки на ЕУ.
Се загрозува трговскиот договор со ЕУ
Пратениците во Европската Унија сигнализираа дека ќе го стопираат одобрувањето на трговскиот договор меѓу САД и ЕУ што беше постигнат со Трамп во јули, поради новата закана со царините. Договорот предвидуваше 15-процентна царина во САД за повеќето производи од ЕУ и беше делумно спроведен, но се чека одобрение од Европскиот парламент.
Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија, најголемата политичка група во Европскиот парламент, изјави на 17-ти јануари дека договорот со САД повеќе не е одржлив.
„Европската народна партија го поддржува трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, но со оглед на заканите на Доналд Трамп во врска со Гренланд, одобрувањето не е можно во оваа фаза“, објави Вебер на социјалните мрежи.
Тој кажа дека договорот на ЕУ за намалување на царините за „производите од САД мора да се стави во мирување”.
Ако пратениците од Европската народна партија им се приклучат на левичарските политички групи, тие најверојатно ќе имаат доволно гласови за да го одложат или блокираат одобрувањето.
Противставувањето на јулскиот договор се засили откако САД по договорот ја проширија 50-процентната царина за челик и алуминиум, за уште стотици дополнителни производи од ЕУ.
Трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, во декември критикуваше дека ЕУ не ги спроведува аспектите од договорот, особено во однос на регулативата на блокот за технолошките компании.
















