
Шкода Ауто во 2025 година испорача 1.043.900 возила (+12,7 %) на светскиот пазар, што е највисока продажба од пандемијата наваму. Во Европа (ЕУ27+4), Шкода продаде 836.200 возила (+9,9 %) и со тоа првпат се најде на 3-то место на најпродавани марки.
Голем придонес за тоа има високата побарувачка за батериските и приклучните хибридни модели. Секоја 4-та продадена Шкода (25,7%) лани, поседува приклучок за полнење.
Млада Болеслава убедува и во конкуренција на електрични марки, со Елрок и со Енијак, чијашто силна продажба ја донесe марката на 4-то место на најпродавани ЕВ-марки во регионот.
Германија е најголем пазар на Шкода, дури потоа следи домашниот пазар
Со продадени 211.100 возила и раст од 12,8%, Германија и натаму е најголем пазар на Шкода. Втора е Република Чешка, трето Обединетото Кралство, и понатаму Индија и Полска.
Најпродавани модели се Октавија, Кодиак, Камик, Фабија и Карок. Вродува плод и ширењето на присуството низ светот. Во Индија се продадени двојно повеќе возила (70.600 примероци, +96,1 %), додека во Виетнам започна производство на Славија и Кушак за тамошните пазари.

Годинава се чекаат два нови модели, двата електрични. Градскиот кросовер Епик и СУВ-седумседот Пик им се придружуваат на Елрок и Енијак.
Шефот Клаус Целмер вели дека Шкода не продава само возила, туку нуди „проверена мобилност, достапна технологија и квалитетни услуги во целото корисничко искуство.“
Шкода е трета најпродавана марка и тоа е „место што таа ќе го брани и чува во следните години“, стои во соопштението од чешкиот производител.
На европскиот пазар, лани во Германија се испорачани 211.100 возила, што е за преку 24.000 возила повеќе во споредба со ’24. Домашниот пазар на Шкода е втор по големина, со 91.800 возила (+7.300 возила), трето е Обединетото Кралство (83.300; +4.600), следат Полска (65.200; +3.800) и Франција (50.800; +5.200).
Најголем раст бележат Данска (+6.800) и Холандија (+5.900). Производителот не наведува дали тоа се должи на електричните модели, затоа што овие две земји се меѓу поголемите пазари за БЕВ.
Чесите ја туркаат електромобилноста, 4-та марка во Европа, Елрок втор најпродаван БЕВ
Во испораките на батериски електрични возила (БЕВ), води Германија (51.000; +106,6 %), пред Данска (16.700; +191 %) и Холандија (15.100; +300 %). Во Чешка се испорачани 6.000 БЕВ (+245,7 %).
Еден од секои 4 продадени автомобили (25,7%) на Шкода во Европа лани е приклучен хибрид или електромобил. Елрок е втор најпродаван БЕВ во Европа, односно е прв на одделните пазари во Чешка, Данска, Холандија и Словачка.

Компактниот СУВ на струја, што со цената и перформансите е споредлив со класичниот Карок, во Германија, Австрија и Швајцарија е меѓу Топ 3 БЕВ-модели. Големиот Енијак е 7-ми најпродаван БЕВ во Европа, односно е во Топ 3 во Чешка, Финска, Швајцарија, Австрија и Словачка.
Со одлична продажба на своите БЕВ модели, Шкода лани постигна удел од 6,8% на пазарот на овој вид погон, односно е 4-та најпродавана електро-марка.
Октавија најпродавана, двојно зголемена продажба на БЕВ и хибриди
Од Октавија во минатата година се испорачани 190.300 возила, што е пад од 11,8 проценти. Тековната генерација што е на пазарот од 2020 година, неодамна надмина 1 милион продадени примероци. Славеничниот примерок беше испорачан на домашен купувач. По неа следат Кодиак (130.400 возила), Камик (125.900) и Фабија (119.100).
Двата вида електрифициран погони, БЕВ и ПХЕВ, лани привлекоа 218.700 купувачи во Шкода, што е повеќе од двојно зголемување (+117,5%). Од нив, 174.900 возила се БЕВ, преостанатите 43.800 возила се приклучни хибриди.

Освојување нови пазари ширум светот, рекорд во Индија, раст во Турција и северна Африка
Задачата на Шкода да освојува нови пазари ширум светот вроди плод. Во Индија е постигнат рекорд со 70.600 испорачани возила, и раст од 96,1 проценти. Тамошниот пазар, што многумина го препознаваат како следна „Кина“ посебно го бара локално произведуваниот СУВ-модел Кајлак, со големина слична со европскиот Камик.
Шкода пробива и на пазарот во Југоисточна Азија
Во Виетнам во соработка со Тан Конг Група лани започна монтажа на Славија и Кушак од готови модули (ЦКД). Шкода стартуваше и со продажба на пазарите во Саудиска Арабија и го засилува своето присуство на Блискиот Исток.
Покрај тоа, растат испораките на Шкода во Турција (45.100; +6,8 %) и северна Африка, посебно во Мароко (6.000; +37,1 %) и Египет (5.300; +32,9 %).















