Фолксваген Таиго · Тест · Како тигар во тајга

Таиго е третата варијација на кросовер од Б-сегментот на Фолксваген и се покажува како автомобил што е доволно голем и едноставен за одржување, со таа разлика што оди во насока на купе-кросовер и додава стил, без преголема доплата за тоа. Тест.

Фолксваген има три модели во сегментот на Б-СУВ возилата, со Т-Рок, Т-Крос, и сега, со Таиго. Најмладиот меѓу нив, Таиго, влегува во понудата на Волфсбург покрај Т-Рок, којшто е реално најпродаван модел на пазарот во Европа, ако се изземе Дачиа Сандеро, којашто главно се купува како евтино службено возило. Но, Таиго се вклучува во гамата на Фау Ве и покрај Т-Крос, којшто и самиот има изградено големо име на сцената.

Според официјалните статистики за минатата година, Т-Рок е прв во Б-СУВ сегментот, каде што постои најжестока конкуренција. Тука постојат околу 30-на модели коишто се борат во најчувствителниот сегмент на пазарот, затоа што кај купувачите решава цената. Се бараат модели што ќе понудат повеќе за цената. Нивниот сегмент лани привлекол 2.243.008 купувачи, што е раст од 1,2 проценти и со тоа е втор најголем сегмент во Европа, по компактните СУВ-модели.

И, дали Фолксваген успеа да најде простор за трет модел, да го протне покрај два толку добро продавани модели, како Т-Рок и Т-Крос. Бројките велат дека Таиго во 2025 година има постигнато околу една третина од продажбата на Т-Рок и заостанува за триесетина проценти зад Т-Крос. Но, далеку од тоа дека Таиго е неуспешен модел. Тоа се преку 73.000 примероци од Таиго, наспроти преку 211.241 примероци од Т-Рок и 112.788 примероци од Т-Крос.

Нема сомнежи дека и изгледот ги привлекува купувачите кај Таиго. Напред важи вообичаената шема и Таиго ги следи истите линии со Т-Рок и Т-Крос. Важен детал кај моделот на тест е светлечката лента долж маската, што ги поврзува предните светла, во стилот сличен со тој што сцената го обожува кај големиот Артеон. Таа е дел од пакетот во којшто се главни матричните диодни светла, а заедно со нив доаѓаат уште автоматско долго светло и магленки.

Меѓутоа, големата ралзика е во страничната силуета. Исто како што името му е спој меѓу тајга и тигар, така и оваа каросериска форма е спој меѓу класично комби и купе, што е подигната неколку сантиметри повеќе од земја и поседува заштитни облоги напред и назад,по арките на крилата и долж праговите. Додека Т-Рок и Т-Крос се повеќе СУВ-модели, овој е чисто кросовер.

Овој дизајн, како и самиот модел, првично беше осмислен за Бразил, како голем и традиционален пазар на Фолксваген. Се гледа различниот стил и влијанието на бразилскиот вкус за автомобил. Наспроти техно-стилот на Европа, тука владејат органски, природни форми. Изгледот и идејата за Таиго веднаш им се допаднаа на европските купувачи и Фолксваген немаше причина да го одолговлечува стартот на Таиго на европскиот пазар. Овој се произведува во Памплона, Шпанија, заедно со Т-Крос, со којшто ја дели и целата платформа, вклучувајќи ги погонот и подвозјето. Во Бразил, името е Нивус, којшто се разликува главно по малку продолженото меѓуоскино растојание.

Моделот на тест е во нивото на опременост Лајф Плус, само со неколку дополнителни ставки, и со 1,0-литарски ТСИ со 115 КС, строго во спој со 7-степен менувач со двојна спојка. Постои и подостапна изведба со 95 КС, што се нуди само со рачен менувач. Рачките зад воланот за менување на степените на пренос се стандард и се наоѓаат од корист, кога ќе се посака малку подинамично возење или контрола при подолго спуштање.

Трицилиндерските мотори и малата работна зафатнина, за којашто надоместува турбонатполнењето, во корист на намалување на потрошувачката на гориво, и тоа што е важно за загадена средина како овдешнава, намалување на емисијата на штетни материи, одамна не се баук на пошироката автомобилска сцена.

Овој мотор се води како Ево 2, што значи дека е унапреден од претходната верзија. Разликата е во тоа што подрачјето во коешто моторот испорачува максимален вртежен момент од 200 њутнметри, продолжено е за 500 њутнметри, од 2.000 до 3.500 вртежи. Можеби тие 500 вртежи се чинат малку, меѓутоа во возењето се чувствува дека моторот влече подолго. Со промените во таа насока, продолжена е крајната брзина во споредба со „Ево“, а во исто време е скусена потрошувачката за неколку проценти.

Во поглед на моќноста и култивираноста, 1.0 ТСИ 115 пристојно си ја врши работата. Вниманието при тестот повеќе беше насочено кон тоа, како 3-цилиндарецот, што во град и при умерено возење „природно“ штеди, ќе се покаже со потрошувачката при подинамично возење и на автопат. Вредностите од 4-те етапи на стандарндиот тест на Аутомедиа, покажаа:

  • Петровец – Страцин: 5,8 литри на сто километри
  • Страцин -Пробиштип: 5,9 литри на сто километри
  • Пробиштип – Велес: 4,6 литри на сто километри
  • Велес – Катланово: 6,5 литри на сто километри

Оцени за поглавјето за погонот и перформансите:

+ култивиран мотор, со звук својствен за 3-цилиндарци, не е прегласен
+ исклучителна штедливост, смислата на 3-те цилиндри е погодена, меѓу најштедливите модели на тест по новата рута за тестирање
+ менувачот работи ненападно при умерено возење
+ моторот не ја зголемува потрошувачката прекумерно при побрзо возење или на автопат

– на нагорнина мора да се преземе рачно менување на степените, доколку се бара поголема динамика и посилно повлекување на моторот
– бавно префрлување степени при подинамично возење

Како се покажа Фау Ве Таиго во останатите категории на тестот, молиме погледнете го целото видео на каналот на Аутомедиа МК на Јутјуб.

Секако ни е важна важата поддршка со следење на нашиот јутјуб канал

Ставки од дополнителната опрема што Порше Македонија ги нуди без доплата во Фолксваген Таиго Лајф Плус

  • Металик боја
  • Пристап и стартување без клуч
  • Сензор за дожд
  • Самостојно затемнување на внатрешен ретровизор
  • Автоматско долго светло
  • Магленки напред
  • Затемнети задни стакла
  • Задна камера
  • Тркала од лесен метал од 17 инчи

Акциска цена на основен модел на Фолксваген Таиго со 95 КС и рачен менувач, со ниво на опременост Лајф е 22.700 евра.

Финансирање преку Порше Лизинг:

  • Учество 3.268,80 евра (со ДДВ), отплата на 84 рати во висина од 227,26 евра месечно, последна рата 6.155,93 евра.

Технички податоци

Конкурентски модели

(со бензински мотор без електрификација и автоматски менувач)

  • Хјундаи Бајон 1.0 Т-ГДИ 90 КС ДЦТ
  • КГМ (поранешен Сангјонг) Тиволи 1.5 ГДИ-Т 2ВД 163 КС
  • Киа Стоник 1.0 Т-ГДИ 100 КС ДЦТ7
  • Нисан Џук 1.0 ДИГ-Т 114 КС ДЦТ
  • Сеат Арона 1.0 ТСИ ДСГ 115 КС
  • Шкода Камик 1.0 ТСИ ДСГ 115 КС
  • Фолксваген Т-Крос 1.0 ТСИ ДСГ 116 КС

Претходна објаваФолксваген ја престигна Тесла како најпродавана БЕВ-марка, презеде титула и кај приклучните хибриди
Следна објаваРено ќе произведува дронови за француското министерство за одбрана

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here