Фолксваген ја престигна Тесла како најпродавана БЕВ-марка, презеде титула и кај приклучните хибриди

Фолксваген е најпродавана марка батериски електрични, но и приклучни хибридни автомобили во Европа во минатата година, престигнувајќи ги Тесла и Мерцедес-Бенц. Хибридниот Т-Рок ќе ја напаѓа Тојота, Фау Ве освои уште две титули лани.

Најпродаван електричен модел на Фолксваген лани во Европа е СУВ-моделот ИД.4 со 80.123 примероци и раст од 24% во споредба со 2024; На сликата: ИД.4 на тестот во Аутомедиа во 2023 година

Покрај тоа што 21 година без прекин е најпродавана марка во Европа, матичната марка на концернот Фолксваген лани ја освои и трката за наслов на најпродавана марка батериски електрични автомобили, престигнувајќи ја Тесла. Мерцедес-Бенц исто така мораше да ја препушти титулата на најпродавана марка приклучни хибриди во Европа.

Марката Фолксваген лани ја зголеми продажбата на своите БЕВ за 56 проценти, со 274.417 возила, додека пазарот на Тесла изгуби 27 проценти и се сведе на 238.765 возила.

Во 2024 година, Тесла продаваше речиси двапати повеќе БЕВ од Фолксваген, со сооднос 326.714 наспроти 175.654 возила.

Европскиот пазар на електрични автомобили порасна за 30 проценти во минатата година, со продадени 2.582.595 возила во ЕУ, ЕФТА и ОК.

Марката Фолксваген го престигна и Мерцедес-Бенц во продажбата на приклучни хибриди и постигна двојно зголемување со продадени 159.173 возила со овој вид погон.

Мерцедес-Бенц се најде на третото место, по БМВ, со продажба на возила со приклучен хибриден погон намалена за 4,8 проценти и вкупно 135.878 возила. Соперникот БМВ престигна со 142.285 ПХЕВ-модели, и раст од 15 проценти. Вкупната продажба на ПХЕВ лани порасна за третина, на 1.273.180 автомобили.

Фолксваген без прекин е најпродавана марка автомобили во Европа, откако го престигна Рено во 2005 година.

Во минатата година, германската марка продаде 6% повеќе возила, односно вкупно 1.444.194 возила на целиот пазар што постигна раст од 2,3 проценти со продадени 13,3 милиони возила.

Единствен вид погон каде што Фолкваген не е меѓу 5-те најпродавани е класичниот хибриден погон.

Волфсбург годинава влегува и во тој дел од пазарот, со новата генерација на Т-Рок. Хибридната изведба од овој модел ќе се натпреварува против Тојота, којашто лани продаде 626.675 возила со овој вид погон, за 8,5% помалку во споредба со преклани. Втор е Рено, со 287.364 хибриди (+ 17 проценти), додека кинески МГ е на третото место со 141.660 возила и раст од 272 проценти. Вкупната продажба на класични хибриди порасна за 9,6 проценти, со 1.704.454 возила.

Не изненадува тоа што марката Фолксваген е најпродавана кај бензинскиот и дизел погонот.

Овие два видови погон изгубија од својот пазарен удел во 2025 година, со пад од 7% кај бензинците, со продадени 5.815.620 возила, односно со уште поголем пад од 19 проценти кај дизелите, коишто лани постигнаа 1.524.349 продажби.

Кои се најпродаваните сегменти во Европа во 2025 година?

Компактните СУВ се најпродаван сегмент во регионот во 2025 година. Во оваа категорија возила се продадени 2.429.259 возила и тоа е раст од 17 проценти.

Голем поттик на овој сегмент даде електричната Шкода Елрок, со продадени 94.102 возила лани, а важен новитет е и Дачиа Бигстер, со 66.078 возила. Познати големци во овој сегмент се Фолксваген Тигуан (197.000) и Киа Спортаж (149.156).

Вториот најголем сегмент им припаѓа на малечките СУВ, коишто својот пазар го зголемија за 1,2 процент лани, со продадени 2.243.008 возила. Тесна битка се водеше меѓу Фолксваген Т-Рок и Тојота Јарис Крос. На крајот, сепак победи Т-Рок со раст од 3,8 проценти и продадени 200.217 возила.

Јарис Крос изгуби 2,1 проценти, со 190.565 возила. Третото му место припаѓа на Пежо 2008, со 171.438 возила и раст од 5,9 проценти. Водечката петорка ја заокружија Дачиа Дастер и Форд Пума.

Претходна објаваВолво ја вложува иднината во Е Икс 60, соперник на БМВ и-Икс-3 што ќе го освојува светот
Следна објаваФолксваген Таиго · Тест · Како тигар во тајга

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here