
Првото појавување на новиот Т-Рок пред јавноста ќе се случи на салонот ИАА Мобилност, што ќе се одржува во Минхен од 9-ти до 14-ти септември. Испораките на европскиот пазар ќе започнат во ноември, со две изведби со благ хибриден погон.
Подоцна ќе се придружат изведбите со полн хибриден погон. Фолскваген не открива поединости околу новиот хибриден погон во концернот.
Тековниот Т-Рок беше најпродаван малечок СУВ во првите седум месеци во Европа, со продадени 119.882 примероци, покажуваат податоците од аналитичарската куќа Датафорс.
Новиот модел е подолг за 12 сантиметри, односно должината му е зголемена на 4.373 милиметри. Со тоа, моделот се приближува до Тојота Ц-ХР и Рено Симбиоз, коишто се најпродавани модели со хибриден погон во следната повисока класа, односно во класата на компактните СУВ.

Втората генерација на Т-Рок ја користи истата платформа М-Ку-Б Ево како останатите нови модели на Фолксваген, вклучувајќи ги компактниот СУВ-модел Тигуан, Голф и СУВ-моделот од средна класа Тајрон. Тоа овозможи во моделот првпат да се користи посовремена и понапредна технологија, вклучувајќи масажа во седиштата и дигитален проекциски дисплеј.
Зголемената должина овозможува повеќе простор на задната клупа, во споредба со претходникот. Багажикот исто така порасна и сега нуди 465 литри, што е 20 литри повеќе.
Изгледот на новиот Т-Рок го следи стилот на купе од моделот од првата генерација, меѓутоа се направени измени во дизајнот на носот и на опашот, во чекор со моделите од поновата генерација на Фолксваген.
Со промените, носот доби поаеродинамична форма во стил на моделите со електричен погон. Логото на Фолксваген е осветлено и преку тенка лента се поврзува со светлата. Логото и лентата се повторуваат и во опашот.
Нагласок во страничниот профил поставува сребрената лента, во којашто Фолксваген гледа хокеарска палка и истата се протега по целата должина на покривот.
Германскиот производител нагласува дека квалитетот во внатрешноста е подигнат на „сосем ново рамниште“, со нов вид материјал за обложување на арматурната табла и со површини во коишто се изработени ситни отвори и низ нив се пробива заднинската светлина.

Производителот опишува дека внатрешноста во минималистички стил пренесува чувство како во салон, без користење на хромот за украсување на внатрешноста, којшто браншата го напушти поради зачувување на животната средина. Во кокпитот е главен средишниот дисплеј од 12,9 инчи.
Од новите техноогии пристигаат најновата верзија на полуавтоматскиот пилот за возење Травел Асист, којшто сега помага и при престројување по автопат. Автомобилот може и самостојно да паркира на мемотирани места, како и со помош на мобилна апликација.
Основните изведби користат благ хибриден погон со 1,5-литарски ТСИ со 115 или 150 КС, во комбинација со 48-волтен стартер-алтернатор што преку ремен го задвижува коленастото вратило. Тој релативно мал електромотор помага при поаѓање и произведува енергија при забавување.
Подоцна ќе следи изведба со 2,0-литарски ТСИ, исто така со благ хибрид, но и со погон на сите тркала.
Платформата М-Ку-Б Ево може да вдоми и приклучен хибрид, меѓутоа Фолскваген не напоменува дали и во Т-Рок ќе го понуди овој погон, што е достапен во Голф и Тигуан.















