САИЦ и Ауди излегоа со податоци за производството на новата електрична подмарка за Кина, што се пишува со сите големи букви АУДИ. Според веста, во фабриката во кинески Антинг може годишно да се произведуваат до 360.000 возила од подмарката АУДИ.
Сериското производство на АУДИ Е5 Спортбек во фабриката на САИЦ во Антинг, Кина, почна според планираното, во чекор со отворањето на книгите со нарачки за моделот. Првите автомобили од марката АУДИ, што е основана од САИЦ и Ауди, и наменета е строго за кинескиот пазар, се очекува да им бидат предадени на сопствениците веќе во септември.
На автомобилите на сестринската марка на Ауди не се поставуваат четирите прстени, што се главното обележје на германската марка. Место тоа, марката целосно се пишува со големи букви. По побараната информација околу почетокот на нарачките на 18-ти август од страна на гласилото на германската автоиндустрија Аутомобилвохе, претставничка на Ауди одговорила дека стартот „ветува многу“. Сепак, не се наведуваат точни податоци за бројот на нарачките.
Капацитетот на фабриката е на рамниште со Инголштат
Веста што ја објави САИЦ Ауди по повод почетокот на производството на АУДИ ја прикажува вистинската слика. Двата партнери се мошне убедени дека проектот со АУДИ ќе успее. Подмарката со цената е под матичната германска марка и цели кон помлад круг купувачи, што со разбираат во техника.
Во огромната фабрика на САИЦ-Фолксваген во Антинг, во подрачјето на Шангај, се произведуваат и моделите А7Л и Ку5 е-трон на Ауди. Во неа практично се наоѓа фабриката за АУДИ. Како што сега соопшти САИЦ Ауди, производствениот капацитет изнесува 360.000 возила годишно. За споредба, фабриката на Ауди во Инголштат има слична големина.

Поединости околу производството
Организацијата на производството во фабриката укажува на големото значење на подмарката, за пресвртницата што Ауди сака да ја постигне на кинескиот пазар на електрични автомобили.
Премиум марката на концернот Фолксваген во првите шест месеци продаде помалку од 8.000 примероци од своите електрични модели. За цела година се очекува продажбата да достигне под 20.000 возила. Со тоа, класичната марка на Ауди е речиси безначајна на кинескиот пазар со своите електрични модели.
Како што се наведува во соопштението, производствената технологија со којашто располага фабриката овозможува производство на идни генерации на електрични и возила со автономно управување.
Организацијата на процесите во фабриката се одликува со висок степен на автоматизација, вклучувајќи машинско учење, со коешто се обезбедува врвен квалитет, како и со дигитално управување со сите производствени процеси.

Три модели во следните три години
За моделите од новата марка АУДИ е изградена посебна производствена хала во постоечката фабрика, во којашто се изведуваат сите процеси, од пресување и заварување на каросериите, до лакирање и завршна монтажа.
Во соопштението понатаму стои дека во работилниците за пресување, за каросерии, лакирање и завршна монтажа, се постигнува 100-процентна автоматизација на најчувствителните процеси и 100-процентно следење на податоците за целиот процес на производство.
Планот е по штотуку стартуваниот Е5 Спортбек, во 2026 година да почне производството на втор модел, а една година потоа на трет модел.
Е5 Спортбек се нуди во четири изведби, од кои две со заден погон и две со погон на сите тркала. Најдостапната изведба чини 28.000 евра, врвната варијанта доаѓа до 38.000 евра.
















