
Ауди сака да стартува од ново на кинескиот пазар со електрични автомобили. Дали таа намера ќе им успее на Баварците, ќе се покаже веќе во септември, кога ќе почне испораката на првите возила од подмарката АУДИ. Цените се под кинеските.
Во Кина на 18-ти август беа отворени книгите со нарачки за новата подмарка АУДИ што локално ќе произведува исклучиво електрични автомобили и ќе ги нуди на тамошнте пазари. Познати се цените, Ауди со АУДИ им зададе удар на Кинезите, таму каде што се најсилни.
Дали Ауди ќе се пробие на пазарот на електрични автомобили во Кина? Клучниот одговор на тоа прашање ќе го даде подмарката АУДИ. Таа нуди само електрични возила, што не го поседуваат препознатливото обележје, четирите прстени на матичната марка. Штотуку почнаа нарачките за првиот модел на АУДИ со ознака Е5 Спортбек. Развојот на моделот траеше исклучително кусо за европски мерила, одвај две полни години.
Локален партнер на Ауди за АУДИ е кинескиот производител САИЦ, во Европа присутен преку марката МГ. Првите возила ќе им бидат испорачани на сопствениците во септември.
Досега во Кина немало толку голем интерес за стартот на нарачките на германски електричен автомобил. Со денови, пред да почне примањето нарачки на 18-ти август, кинеските медиуми ги објавуваа сите поединости за Е5 Спортбек. Првиот АУДИ честопати се споредуваше со Нио ЕТ5, којшто има слична форма на каросеријата и слични технички податоци.
Цената на АУДИ Е5 Спортбек е под Нио ЕТ5
Ауди и САИЦ ја пуштија новата марка во борба за освојување на кинескиот пазар со исклучително конкурентни цени. Е5 Спортбек се нуди во четири изведби, од кои две со заден погон и две со погон на сите тркала. Најдостапниот модел чини околу 28.000 евра, а понудата завршува со моделот со цена од 38.000 евра. Со тоа, АУДИ Е5 Спортбек во основната изведба е поевтин од Нио ЕТ5, што во Кина се нуди за околу 35.000 евра.
Првиот АУДИ секако дека со цената е далеку од моделите на традиционалната марка Ауди. Компактниот СУВ-модел на струја Ку 4 е-трон, во посебна изведба за Кина стартува од 34.500 евра.
Убедливи технички податоци
Е5 Спортбек е конструиран врз платформата Адвансд Диџитајзд што во поголемиот дел е развиена од САИЦ и наменета е за електрични возила. Моделот е долг 4,8 метри, широк 1,96 метар и висок 1,48 метар, со меѓуоскино растојание од 2,95 метри.
Аудито без прстени поседува 800-волтна мрежа и може да се нарача со еден или два електромотори. Во вториот случај, системската моќност изнесува 579 киловати, односно 788 КС. Спринтот трае 3,4 секунди или 3,9 секунди, соодветно на верзијата.
Е5 Спортбек се нуди со батерија од 76,2 кВч, 83,3 кВч или 100 кВч, со коишто според оптимистичките кинески норми се постигнува досег меѓу 618 и 770 километри. При користење брз почнач, за десет минути се полни енергија за 370 километри пат.
Засега нема податоци за бројот на пристигнати нарачки
Според техничките податоци, Е5 е на ниво на Нио, којшто е сериозен конкурент. Наскоро ќе се знае дали германската премиум марка при стартот со подмарката АУДИ ќе се пробие на кинескиот пазар, каде што владее најжестока конкуренција
Од матичната марка во првите шест месеци се продадени помалку од 8.000 електрични возила во Кина, што е далеку зад постигнувањата на домашните марки.















