General Motors ќе одговара пред обвинителството на САД

General Motors повикува следни 1,6 милион возила во сервис. Поради тоа што концернот знаел за техничките дефекти со години наназад, сега реагира и обвинителството.

На американскиот концерн General Motors му се закануваат голем бран од тужби и пад на довербата на купувачите. Некогаш најголемиот автомобилски концерн на светот повика уште 1,6 милион возила во сервис. Меѓу причините за сервисниот повик повторно се неисправните контакт брави, како и можни дефекти во ладилникот на менувачот, а не се исклучува ниту кршење на оските.

Проблемот со контакт бравите се однесува на моделите Chevrolet Cobalt и HHR, Pontiac Solstice и G5, како и Saturn Ion и Sky, произведени во периодот меѓу 2008 и 2011 година. Во февруари, концернот од Детроит веќе повлече од сообраќај 1,6 милион возила поради дефектни контакт брави.

Во петокот следуваше уште еден сервисен повик за 490.000 лесни доставни возила и теренски возила, поради опасност од избивање пожар од дефект во системот за ладење на маслото. Во март беа повикани возила и поради проблеми со воздушните перници. Од почетокот на годинава, со сервисните повици се опфатени дури 4,8 милиони автомобили. Пред две недели General Motors соопшти дека ќе го реши проблемот со поставување на нов шеф за осигурување на квалитетот на возилата.

Германската марка Opel, која што е дел од концернот, е поштедена од масовната сервисна акција, со исклучок на родстерот GT, кој е технички идентичен со американските модели. Вкупно 7.400 примероци од Opel GT произведени меѓу 2007 и 2010 година мораа да го посетат сервисот заради отстранување на дефектот. Другите модели на Opel немаат проблеми.

Шефицата на General Motors, Мери Бара, во текот на минатата недела одговараше пред американскиот Конгрес на прашања од кога концернот бил запознаен со проблемите со контакт бравите. Инженерите на General Motors прв пат ги востановиле дефектите уште пред 13 години. Оттогаш, поради предизвиканите незгоди, животот го загубиле 13 лица. Организациите за заштита на правата на потрошувачите сметаат дека бројката е многу поголема и наведуваат преку 300 случаи.

Жителка на Калифорнија побарала отштета во висина од најмалку 350 милиони долари. Нејзиниот адвокат тврди дека General Motors бил запознаен со проблемите уште во 2001 година, но и покрај тоа продолжило производството на автомобили со дефектна брава. Покрај цивилните тужби, американскиот концерн ќе се соочи и со обвинителството на САД.

Како решение може да послужи примерот со Toyota, којашто неодамна се спогоди да плати казна од 1,2 милијарда долари. Никој производител на автомобили се нема соочено со толку висока казна досега.

Претходна објаваChevrolet заминува – Cadillac доаѓа: Ова е новиот CTS за Европа
Следна објаваКласата C на Mercedes за 75 евра – како моделче за колекционери

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here