за

Chevrolet заминува – Cadillac доаѓа: Ова е новиот CTS за Европа

Марката Cadillac постои веќе 112 години. Тоа се многу години. Но, многу се и годините што изминаа од времето кога Cadillac беше најблагородната марка на светот, поголема дури и од Rolls-Royce и Mercedes, заедно. Со новиот CTS, марката сака да ги освои и европските купувачи.

Славата на Cadillac во Европа никогаш не ја достигна големината на нивните автомобили, коишто на времето беа подолги и од шест метри. Единствен исклучок беа Швајцарците. Таму отсекогаш постоеше голема заедница на љубители на марката, што ги ценат американскиот луксуз и раскошот. Од 40 дилерства на Cadillac во Европа, дури 9 се во Швајцарија. Овој број наскоро ќе се зголеми драстично, марката Cadillac е решена конечно да се одомаќи на стариот континент.

Од почетокот на новиот милениум Американците направија безброј обиди да ја подобрат нивната продажба на европскиот пазар. Но, сите овие обиди пропаднаа, продажбата упорно не напредуваше. Сега следува уште еден обид, кој може и да успее откако мајката General Motors реши да ја повлече марката Chevrolet од Европа до крајот на 2015 година. Chevrolet беше евтина марка, Cadillac е престижна – тука нема многу спојни точки. Но, којзнае што смислиле Американците овојпат …

Многу марки пред Cadillac биле оптимисти во намерата да ја освојат автомобилска Европа. Lexus се обидува да го направи тоа веќе со години, но безуспешно, ниту на Infiniti не му успева да фати чекор со големите конкуренти од BMW и Mercedes, а на крајот, тука се и марките што секогаш имале поголема шанса да успеат, како Jaguar или Volvo, но ништо од тоа.

Cadillac верува многу во новиот CTS, кого што Американците сакаат да го насочат кон серијата 5 на BMW и класата Е на Mercedes. Моделот од вишата средна класа претставува темел на новата стратегија на Cadillac. CTS се продава зачудувачки добро на пазарот во САД, а во последните години успеа да привлече многу помлади купувачи во традиционалната марка.

Не толку мал проблем во Европа претставуваат моторите. Под хаубата на CTS работи четирицилиндарски мотор со зафатнина од два литра и турбонатполнење – секако, задолжително во комбинација со автоматски менувач со шест степени. Силината од 276 КС е повеќе од пристојна, исто како и вртежниот момент од 400 њутнметри или забрзувањето до сто за 6,6 секунди и крајната брзина од 240 километри на час. Потрошувачката од 8,5 литри што ја декларира фабриката, исто така е во ред. Проблемот е во тоа што отсуствуваат дизели и поголеми мотори со шест цилиндри – чисто за пумпање на имиџот на моделот. Мала утеха е тоа што со доплата е достапен погон на сите тркала.

Основниот модел на CTS се нуди на европскиот пазар за околу 60.000 евра. Со доплата за погон на сите тркала и за сите опции што стојат на располагање на долгиот список на опрема, цената ќе се зголеми за уште десетина илјади евра. Тоа е веќе ниво од кое што треба да стравуваат конкурентите Mercedes и BMW. Германските марки веројатно нема да го сфатат Cadillac CTS како сериозна закана, но во секој случај, американската марка е добредојдено освежување на европскиот пазар – и подобра замена за Chevrolet.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Од четири на две: Велосипеди од автомобилските марки

General Motors ќе одговара пред обвинителството на САД