Донгфенг летово изведе историско поглавје на македонската сцена, со неколку моделски премиери едно по друго, почнувајќи од Еолус Шајн што го врати поимот за достапна семејна лимузина, до целосно електричниот СУВ-модел Фортинг Фрајдеј. Тоа беше само почетокот. Продолжението се одвиваше на салонот во Париз.
Масовното присуство на производителите на автомобили од Кина на најголемите салони во Европа веќе одамна не ги изненадува посетителите и експертите. Сцената ќе се изненадува сé помалку и од напредокот што го постигнуваат марките од земјата што е најголем производител, а сосем природно и најголем потрошувач на автомобили во светот, Кина.
Додека сцената, не само тукашната балканска, туку и пошироката европска, уште е убедена дека производителите од Кина нудат застарена техника, дека сите мотори им се копија на Мицубиши и дека сите автомобили им личат на некои модели од трофејни марки, Донгфенг во Париз распосла огромен и скап штанд, со главниот новитет, електрична луксузна лимузина од пет метри, способна да му се спротивстави на Тесла Модел 3.
Во последниве неколку месеци на македонската сцена навикнавме дека сé што доаѓа ново од кинеските производители е Донгфенг. Фортинг Т5 Ево (тест), Фенгон Глори 600 (тест), Еолус Шајн (тест), Нами Бокс, сé се поврзува со автомобилската групација што е дел од водечката четворка производители од Кина. Тоа што групацијата е во државна сопственост им е голема мака на европските производители – уште повеќе на тие од САД, коишто ги погоди фактот што Пекинг вложува големи суми државни пари во домашното производство и го потпомага безрезевно. Затоа беа воведени т.н. казнени царини за увозот во ЕУ. Донгфенг мина добро, затоа што ЕУ за нив одреди дополнителна царина од околу дваесетина проценти.

Кога авто-мондијалот во Париз во минатиот понеделник ги отвори вратите за своето 90-то издание, на Париз Експо Порт де Версај, еден од најсветлите настапи на истиот ги имаше Донгфенг Љуџоу Мотор, огранок на групацијата што на извозните пазари ги води своите модели како Фортинг. Главниот новитет е Фортинг С7, првата целосно електрична лимузина на производителот, на којашто настапот на настанот покрај Сена ѝ беше прво излегување надвор од Кина.
На премиерата на Фортинг С7 присуствуваа повереникот на Кинеската Амбасада во Франција, Џен Донг, заменик претседателот и генерален секретар на кинеското здружение на производители на автомобили Фу Бингфенг и генералниот директор на Донгфенг Љуџоу Мотор, Лин Чангбо. Менаџерскиот тим на АБЦ Брадер, увозникот за Донгфенг за Македонија, исто така присуствуваше на настанот.

Производителот имаше и дополнителна причина да го одбележи својот настап под силни рефлектори, затоа што Љуџоу годинава слави 70 години од основањето. Главниот тон во говорите на директорите се водеше околу мотото „да се услужат корисниците, да се одржува самостојноста и постојано да се постигнува напредок.“
Донгфенг Љуџоу Мотор, односно за нас Фортинг, во 2022 година ја отпочна својата стратегија за електричен погон што се води под слоганот Фотосинтетска Иднина. Целта на таа стратегија е да се постигнат технолошки конкурентни возила и решенија. Фортинг се посебно горди на својата архитектура Супер ЕМА-Е, што е платформа за сите модели со електричен погон што ќе се засноваат врз истата, како и на 3.0 Армор Батери.

Новинарите и дилерите имаа можност да направат пробно возење на Фортинг С7, за да проверат какви се тие кинески возила од коишто направија паника во Брисел. Регионален менаџер за продажба од ВЕС Мобилити од Летонија, се пожали дека возачките и возачите во неговата земја стравуваат оти досегот е мал и дека батеријата не трае долго. Хомологираниот досег од 430 километри уверува токму во спротивното.
Според Лин Чангбо, Фортинг С7 е дизајниран да биде „убава и издржлива семејна лимузина,“ што е наменета за светскиот пазар. Коефициентот на аеродинамичност е меѓу најдобрите во сегментот, се наведува вредност 0,191 Цд. Фактот што тест возачи во Кина постигнаа потрошувачка од 12,2 киловатчасови на сто километри, упатува токму на врвната аеродинамичност.

Батеријата се полни од 30 до 80 проценти за 26 минути. Во поглед на цврстината на каросеријата и пасивната безбедност, Фортинг соопштува дека 68,53 проценти од каросеријата се изработени од челик со висока цврстина. Има новости и во технологијата за автономно возење, односно С7 располага со камери, радари, сензори, што дозволуваат Л2+ ниво на автономно возење, што е само половина ниво под целосен автопилот. Кинескиот производител напоменува и за присуството на 17 системи за асистенција, што се грижат за безбедноста и комфорот.
Лин Чангбо на салонот соопшти дека во изминатите години бил постигнат просечен раст од 40 проценти во продажбата на прекуокеанските пазари. Фортинг традиционално добро продава во Јужна Америка, на Средниот Исток, во Југоисточна Азија, а секако дека главниот предизвик е да се изградат силни темели и на европскиот пазар. Во првите три квартали од 2024 година, Фортинг ја зголемил продажбата во Европа за 325 проценти во споредба со истиот период лани. Намерата е продажбата на домашниот и на извозните пазари да биде еднаква.
Тоа што прави македонскиот пазар да биде во предност пред Европа: Двата новитети што Фортинг исто така ги излкожи во Париз, веќе се познати на нашата сцена. Едниот е електричниот Фрајдеј, изведба со погон на струја на Т5 Ево, како и луксузниот миниван Ују-Тур, сега и во дополнителна изведба со хибриден погон.
Главните технички податоци за Фортинг С7
- Производител – Донгфенг
- Класа – Средна класа
- Погон – батериски електричен
- Највисока моќност на електромотор 160 кВ
- Вртежен момент на електромотор 315 Нм
- Електромотор – Напред, тип ТЗ200ИксС3ФО
- Батерија Литиум јон фосфат
- Големина на батерија 56,8 кВч
- Деклариран досег 430 км
- Производител на батерија Донгју Чиншенг
- Должина х Ширина х Висина 4935 х 1915 х 1495 мм
- Меѓуоскино растојание 2915 мм
- Највисока брзина 165 км/ч
- Тежина на празно возило 1730 кг
- Дозволена тежина 2105 кг
- Гуми 235/45 Р19
















