Ford ќе одржи премиера на кампинг изведбата на Transit на салонот за возила и опрема за кампување во Диселдорф. На настанот што почнува на 30-ти август ќе биде прикажана изведба Ford Transit Big Nugget што е блиска до сериската верзија.
Изведбата на големиот Ford Transit што е наменета за кампување ќе започне со продажба во првата половина од следната година. Производството ќе се одвива во соработка со Westfalen Mobil, односно познатата Westfalia во германскиот град Реда-Виденбрик.
Како основа за шестметарскиот Big Nugget служи изведбата на Transit од 3,5 тони, со преден погон, долго меѓуиоскино растојание и висок покрив. Тоа е одговорот од Ford на Volkswagen Grand California, во пазарниот сегмент кој неколку години наназад бележи огромен раст.
Ford Big Nugget располага со одвоено купатило, трпезариска маса веднаш зад предните седишта, кујна и лежај во задниот дел од возилото, со димензија 200 х 130 сантиметри. Висината при стоење изнесува 2,05 метри.
Тоа ќе биде трет кампер на Ford, покрај Nugget врз база на помалиот модел Transit Custom и Nugget Plus со продолжено меѓуоскино растојание.