за

Ford Focus RS пристига во почетокот на 2016 година

На само неколку денови пред отворањето на салонот во Њујорк, Ford го потврди стартот на новиот Focus RS на европскиот пазар. Спортскиот модел за првпат ќе се продава и во САД.

Во почетокот на следната година ќе стартува продажбата на новиот Focus RS. Култниот спортски модел на марката со синиот овал ќе се произведува во фабриката на Ford во Сарлуис, Германија, а моделот за првпат ќе биде достапен и на северноамериканскиот континент. Новиот Focus RS е дел од дузината модели со екстремни перформанси што компанијата ги најави до 2020 година.

Преку 320 КС и погон на сите тркала

Конкурентот на Golf R за првпат ќе биде достапен со мотор од генерацијата EcoBoost, со директно впрсквуање на горивото. Четирицилиндарскиот агрегат се базира на 2,3-литарскиот мотор од новиот Mustang и постигнува моќност од преку 320 КС, којашто се пренесува на сите четири тркала. Особеност на моделот е динамичната распределба на вртежниот момент „Dynamic Torque Vectoring“, која не само што го одредува соодносот на распределбата на њутнметрите меѓу оските, туку и меѓу тркалата на задната оска, обезбедувајќи на тој начин врвни возни својства и тракција. Нова функција во RS е и „Launch Control“, како автоматски систем за најдобро можно стартување на компактниот болид.

Зад третата генерација на Focus RS стои малиот тим од специјализирани инженери од новоотвореното одделение „Ford Performance“. Како триесетти модел на Ford со легендарната ознака RS, спортскиот модел ја продолжува историјата којашто ја одбележаа голем број технички иновации, меѓу кои Escort RS 1600 од 1970 година или Sierra RS Cosworth од 1985 година.

Првиот Focus RS беше претставен во 2002 година, со дволитарски турбобензинец со 215 КС, којшто ја пренесуваше моќта на предната оска со механичка блокада на диференцијалот. Спектакуларниот наследник пристигна во 2009 година, со 305 КС и револуционерка предна оска „RevoKnuckle“ којашто овозможи енормната моќ да се пренесе на предната оска.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

5 милиони возила на Ford возат со мотори EcoBoost

Шефот на BBC под смртна закана поради отпуштањето на Џереми Кларксон