за

Ако Ford Kuga е многу, Focus Active е точно по мера

Ford Focus Active premiera

СУВ-бранот не допира до сите возачи. Како меѓустепен сé почесто се нуди класична каросерија со зголемено растојание од подлогата и со неколку детали што оддаваат робусност. Како Ford Focus Active, на пример

Триесет милиметри зголемено растојание од подлогата и неколку каросериски додатоци се сосем доволни да ги покријат потребите од теренско возење на некои возачи. Новиот компакт на марката од Келн е точно на половина пат меѓу стандардната изведба на Focus и пристојниот теренец Kuga. Со цената, исто така.

Производството на Ford Focus Active, како нова варијанта во гамата на моделот, стартуваше во Сарлуис во средината на месецов. Освен во класична комбилимузинска изведба со пет врати, Active е достапен и како комби со максимален товарен простор од 1.653 литри. Ценовникот за германскиот пазар почнува од 25.300 евра, испораките стартуваат во почетокот на следната година.

Ford Focus Active premiera 00001

Целиот преден дел е различен од стандардната изведба: Маската и рамката околу неа, браникот, додатоците оздола

Кросовер-варијантата во семејството на Focus цели на возачите што ја користат првата пригода да излезат од градската средина и имаат потреба од одредени теренски квалитети на возилото, но во поглед на динамичните возни својства, сé уште ја претпочитаат предноста на класичните каросериски форми, наспроти повисоките и потешки СУВ-модели.

Ford Focus Active premiera 00006

Алуминиумски бандажи од 17 инчи се стандард, исто како и за 30 милиметри зголеменото растојание од подлогата и двете дополнителни програми за возење

Впечатлив детал се црните облоги на арките на крилата и на праговите, а се забележува и различниот дизајн на предната маска, како и на предниот и задниот браник, кои во долното подрачје имаат и дополнителни елементи во сребрена боја.

Интелигентна електроника се грижи за возливост на лизгава или растресита подлога

Покрај трите стандардни програми на работа на управувањето и на чувствителност на педалата за гас – нормална, спортска и еко – во Focus Active дополнително стојат на располагање уште две програми: Едната е за лизгава подлога, кога контролата на тракцијата дозволува мало пролизгување за да овозможи поаѓање, додека другата е за растресита или каллива подлога, кога електрониката во подвозјето симулира блокада на диференцијал. Во двете екстра-програми педалата за гас реагира помалку директно.

Ford Focus Active premiera 00003

Погон на сите тркала не се нуди, но затоа возачот има на располагање две посебни програми за возење по терен, кои соодветно ја модулираат контролата на тракцијата или симулираат блокада на диференцијал

Погон на сите тркала не се вградува во Focus Active. Алуминиумски бандажи од 17 инчи со посебен дизајн следуваат како стандард, со гуми со димензија 215/55 R 17, а со доплата се нудат бандажи од 18 инчи, со гуми 215/50 R 18.

Понудата од мотори за Ford Focus Active опфаќа три бензинци и два дизели со моќност меѓу 120 и 182 КС

Во минатиот месец, продажбата на Ford во СУВ-сегментот се зголемила за 19 проценти во споредба со лани. Еден од секои пет продадени автомобили на Ford на европскиот пазар се теренци или кросовери. Ford Focus Active е трет кросовер-модел на марката од Келн, по Fiesta Active и Ford Ka+ Active.

Ford Focus Active premiera 00005

Дизајнерите на Ford не „кријат“ дека станува збор за модел што е различен од основниот

Понудата од мотори опфаќа 1,0-литарски EcoBoost со 125 КС и 1,5-литарски EcoBoost во варијанти со 150 КС и со 182 КС. Дизели во понудата се 1,5 EcoBlue со 120 КС и 2,0 EcoBlue со 150 КС. Како опција се нуди осумстепен автоматски менувач.

Новиот Ford Focus поставува повисоки стандарди во компакт класата; Од него почнува следниот круг смени на моделските генерации

Внатрешноста исто така негува различен стил, со сино-сиви детали на арматурната табла и на облогите на вратите. Седиштата се обложени со посебен материјал и имаат сини штепови. Нивото на опрема вклучува повеќе ставки над основното. Има две нови каросериски бои: Метрополис бела и хокаидо портокалова. Со некои бои може да се комбинира и покрив во контрастна боја.

Ford Focus Active premiera 00004

Новиот Focus се позиционира над стандардите во компакт класата, исто како што беше случај со претходникот Escort

Како што се потврди при неодамнешното тест-возење, новата генерација на Ford Focus нуди значително повеќе простор во кабината, со 50 милиметри повеќе простор за нозе за патниците на задната клупа и за 60 милиметри поголема внатрешна ширина.

Покрај широкиот избор од дури осум различни нивоа на опрема, новиот Focus убедува и со понудата на ставки од повисоките класи, но и со системи за асистенција, кои го прават возењето побезбедно и порелаксирано.

Добриот стар Ford Focus, ама нов

Комплетен водич за новиот Ford Focus: Цени, опрема, мотори, перформанси

Стартува производството на новиот Ford Focus

Петоците се сини за Ford: Попусти и акции во Ми-Да

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

батерија за електромобили, vw e-golf

Кинеска фирма произведува нов вид батерии за електромобили

Volvo салон Лос Анџелес

Volvo ги остави колите „дома“ за салонот во Лос Анџелес