Новиот шеф на Ford, Марк Филдс, има големи планови за запоставената марка Lincoln. Инвестиција од неколку милијарди долари во следните години ќе ја врати престижната марка во борба со Audi и Lexus.
Шефот Филдс планира во следните пет години да инвестира пет милијарди долари во развој на нови модели на Lincoln и во репозиционирање на марката, којашто некогаш беше статусен симбол за американските возачи. Основа на планот е развој на единствена платформа врз којашто ќе се базираат сите идни модели на марката.
Престижната марка Lincoln е во сопственост на Ford уште од 1922 година и со децении се соочува со застарен имиџ на моделите и пад во продажбата. Во минатата година марката продаде 82.000 возила, што е помалку од половина во споредба со продажбата во 1998 година, кога знакот на Lincoln го понесоа 187.000 нови возила. Алан Мулали, претходникот на Филдс кој се повлече од функцијата во јули годинава, планираше целосно да ја згасне марката Lincoln. Дали луксузната американска марка ќе се појави и на европскиот пазар, по примерот на конкурентот Cadillac од концернот General Motors, уште не е потврдено. Европскиот Ford веќе најави дека горниот сегмент од пазарот ќе го покрива со ново ниво на опрема и услуги под беџот Vignale. Од друга страна, Ford Mustang за првпат во неговата 50 годишна историја од годинава се продава и на европскиот пазар.
















