Ford наводно купил примерок од новиот теренец на калифорнискиот специјалист за електрични автомобили, од клиент од ексклузивниот список за првите сто примероци од Tesla Model X. За тоа морало и солидно да се доплати.
Меѓу првите сто сопственици од новиот спортски теренец со погон на струја на калифорниската Tesla се најде и автомобилскиот гигант Ford. Како што пишуваат американските медиуми, Ford морал да плати 200.000 долари за возилото, односно околу 50.000 долари над цената на Model X во редовна продажба. Возилото со сериски број 64 е меѓу првите 100 примероци од Model X, коишто се наменети за блиски пријатели и клиенти на Илон Маск, основачот на Tesla Motors.
Електричниот теренец е купен од калифорниски трговец со стари монети, кој е на ексклузивниот список за моделот. Сето тоа е потврдено од сведоци кои зад воланот на белиот теренец го забележале главниот дизајнер на Lincoln, луксузната марка на Ford.
Во браншата е сосема вообичаено и разбирливо тоа што производителите купуваат возила од конкуренцијата, заради детална анализа и споредба со сопствените модели и технологии. Од друга страна, Ford е под голем притисок на американскиот пазар, затоа што од 2025 година ќе се воведат построги ограничувања во поглед на просечната потрошувачка на гориво на ниво на севкупната моделска гама на производителите. Продажбата на Ford се засновува првенствено на големи и тешки пикапи, вклучувајќи ја и серијата F-150 која што над три децении е најпродаван „автомобил“ во земјата. Искуството на Ford во електричниот погон е релативно скромно. Поради тоа, до крајот на деценијава ќе се инвестираат милијарди долари во развој на вкупно 13 нови модели со електричен и хибриден погон.
Оттука може да се претпостави дека Tesla Model X ќе им послужи на техничарите за стекнување дополнително искуство на тоа поле, каде што калифорнискиот специјалист сепак има напредувано најмногу. Коментираше и шефот на Tesla, на својот профил на твитер: „Се чини дека расте вредноста при препродажба на Model X.“
















