Мерењата на издувните гасови на возилата на повеќе производители по избувнувањето на „дизелгејт“ покажаа отстапувања кај 17 производители. Германците први повлекоа чекор и сега повикуваат над 600.000 возила во сервис.
Тоа што започна како типична местенка со „откривањето“ на лажните вредности на издувните гасови кај Volkswagen, сега се разгорува во завршница што на познавачите им беше јасна и очекувана уште од почетокот. Во дополнителните проверки на емисијата на штетни материи кај модели од повеќе производители на возила по налог на германското министерство за сообраќај, се открија отстапувања од дозволените вредности кај 22 модели од вкупно 17 марки. Меѓу нив се најдоа и германските марки Volkswagen, Audi, Porsche, Mercedes-Benz и Opel, кои сега повикуваат најмалку 630.000 возила во сервисните работилници.
Проблематични вредности се утврдени и кај возилата од уште единаесет марки: Alfa Romeo, Chevrolet, Dacia, Fiat, Ford, Hyundai, Jaguar, Jeep, Land Rover, Nissan, Renault и Suzuki. Овие возила се категоризирани во „група 2“, кадешто се наоѓаат возила од странски марки кои не се во надлежност на министерството. Кај Ford, хомологацијата на возилата не е направена во Германија и неговите возила исто така се исклучени од надлежноста на министерството за сообраќај на земјата. Кај овие производители се очекува потребните мерки да ги превземат властите во земјите од коишто потекнуваат истите.
Според германското министерство, зголемената емисија на штетни азотни оксиди кај возилата од оваа група не може да се образложи со заштита на моторот од оштетување или со заштита при судир. Во оваа група спаѓаат и возилата со превисока толеранција на таканаречениот „термо-прозорец“, односно времето што е потребно додека моторот ја достигне работната температура.
Список на возила во групата 2
- Alfa Romeo Giulietta 2.0 l Euro 5
- Audi A6 V6 3.0 l Euro 5
- Chevrolet Cruze 2.0 l Euro 5
- Dacia Sandero 1.5 l Euro 6
- Fiat Ducato 3.0 l Euro 5
- Ford C-Max 1.5 l и 2.0 l Euro 6
- Hyundai ix35 2.0 l Euro 5
- Hyundai i20 1.1 l Euro 6
- Jaguar XE 2.0 l Euro 6
- Jeep Cherokee 2.0 l Euro 5
- Land Rover Range Rover 3.0 l Euro 5
- Mercedes V250 Bluetec 2.1 l Euro 6
- Nissan Navara 2.5 l Euro 5
- Opel Insignia 2.0 l
- Opel Zafira 1.6 l Euro 6
- Porsche Macan 3.0 l V6 Euro 6
- Renault Kadjar 1.6 l и 1.5 l Euro 6
- Suzuki Vitara 1.6 l Euro 6
- VW Amarok 2.0 l N1 Euro 5
- VW Crafter 2.0 l N1 Euro 5
Тестирањето опфати 53 модели со дизел мотор, со емисија според нормите Euro 5 и Euro 6. Кај некои марки не беа утврдени отстапувања. Сите три проверени модели на BMW се во првата група, односно во групата на возила без проблеми со емисијата на штетни материи или со отстапувања за коишто постои разбирлива причина. Се тестираше и по еден модел од марките Honda, Mazda, Mitsubishi, Peugeot, Smart, Toyota и Volvo, кадешто исто така не се утврдија недозволени отстапувања и поради тоа се наоѓаат во првата група возила.
Кај некои производители чиишто возила се најдоа во втората група на „нечисти“ модели, постојат и модели што се покажаа чисти во поглед на емисијата и припаѓаат во првата група. Volkswagen има седум такви модели, Mercedes и Audi и по три, додека Opel, Land Rover, Ford и Fiat по еден модел во „чистата“ категорија.
















