Во првото полугодие Ferrari продаде 2.214 возила низ светот и забележа профит од преку 100 милиони евра. Ferrari 488 GTB и Spider се продаваат одлично, марката од Маранело е на пат и оваа година да ја заврши со рекорд.
Во првите шест месеци од годинава од Маранело беа испорачани вкупно 2.214 возила или за 155 повеќе отколку во истиот период лани. Ваквиот раст во продажбата се должи првенствено на неодамна лансираните 488 GTB и 488 Spider. Наспроти тоа, моделите со дванаесетцилиндарски мотор забележија пад во продажбата од 22 проценти, што од Маранело го објаснуваат со моделската замена на FF, со „подзастарувањето“ на F12berlinetta, која што е веќе пет години на пазарот, како и со завршувањето на ексклузивната серија од LaFerrari. Единствено новиот F12tdf носи плус во продажбата во сегментот на дванаесетцилиндарците.
Продажбата во регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка (ЕМЕА) во првите шест месеци забележа раст од 14 проценти, додека порастот во Кина е речиси двојно поголем, со 26 проценти. Од другата страна на океанот пристига незначително зголемување во продажбата, но се очекува дека бројките ќе се зголемат во втората половина од годината, со пристигањето на 488 Spider и F12tdf на тамошните пазари.
Доброто рангирање во формула 1 носи подобра наплата на спонзорства
Вкупниот промет во вториот квартал од годинава изнесува 811 милиони евра (+5,9%). Зголемениот промет од продажба на автомобили и резервни делови во висина од 589 милиони е постигнат со растот во продажбата на новите модели 488 GTB, 488 Spider, F12tdf, ексклузивниот FXX K и завршните испораки на лимитираната серија од F60 America, но и од поголемата сума што сопствениците ја плаќаат за персонализација на својот Ferrari.
Во касата во Маранело пристигнаа и 71 милион евра од мотори (+24%), што во најголем дел пристига од изнајмувањето на мотори за останатите тимови во формула 1. Од спонзорства, брендирање и комерцијални активности, Ferrari наплати 117 милиони евра (+14%), меѓу другото благодарение и на подоброто рангирање на „скудерија“ во шампионатот во формула 1.
















