за

Фердинанд Пиех почина: Внукот на Порше кој го создаде денешниот Volkswagen

Фердинанд Пиех Фолксваген 2019
Фердинанд Пиех Фолксваген 2019

Тој е внук на генијалниот автомобилски конструктор Фердинанд Порше. Поранешниот шеф на концернот Volkswagen, Фердинанд Карл Пиех почина на возраст од 82 години.

Легендарниот шеф на концернот Volkswagen и долгогодишен претседател на надзорниот одбор на автомобилскиот гигант, Фердинанд Карл Пиех, почина.

Пиех почина на возраст од 82 години. Во неделата, на поранешниот патријарх на Volkswagen му се слошило во ресторан во Розенхајм, Баварија, по што бил пренесен во болница, каде подоцна починал.

Роден во Виена, Пиех со години беше во центарот на моќта на концернот Volkswagen. Поранешниот шеф на Audi беше претседател на управниот одбор на Volkswagen во периодот меѓу 1993 и 2002 година, а потоа долги години го водеше надзорниот одбор, како протагонист на фамилиите Порше и Пиех, кои се големи акционери во VW.

Пиех имаше неограничена моќ во концернот, па во 2012 година ја вклучи и сопругата Урсула во надзорниот одбор. Човекот кој посветуваше огромно внимание на деталите, го управуваше Volkswagen со строга контрола, заедно со тогашниот шеф Мартин Винтеркорн, додека коцнернот растеше сé повеќе. Во 2015 година, Пиех го привлече вниманието со изјавата дека е „на дистанца“ со Винтеркорн, тогаш шеф на управниот одбор. Победата во ова одмерување на силите сепак му припадна на Винтеркорн.

Дипломска работа мотор за формула 1; Пиех како независен конструктор го развива и трилитарскиот дизел за Mercedes 240 D (W115) од 1974 година

По машинските студии во Цирих, Пиех во 1963 година почнува да работи во Porsche, каде што директор е неговиот вујко Фери Порше. Во почетокот на 1972 година, фамилијата решава сите нејзини членови да се повлечат од раководството во Porsche. Пиех тогаш основа сопствено конструкторско биро во Штутгарт и го развива петцилиндарскиот дизел OM 617 за Mercedes. Овој мотор од 1974 година се вградува во Mercedes 240 D 3.0 (W115).

Во август 1972 година, Пиех станува раководител за специјални проекти во одделението за технички развој во Audi. Негова иницијатива е баварската марка да го претстави првиот автомобил со петцилиндарски бензинец, Audi 100 5E.

На 1-ви јануари 1988 година, внукот на Фердинанд Порше станува шеф на Audi. Под негово раководство, марката го претставува погонот на сите тркала quattro (1980) и TDI, дизел моторот со директно впрскување (1989)

Од 1993 година, Пиех е претседател на управниот одбор на Volkswagen AG. Концернот поставува три стратешки правци: Оптимизација на производството, постигнување врвен квалитет и проширување во престижниот сегмент. На главното акционерско собрание во 2002 година, творецот на модерниот концерн Volkswagen пристигна со фамозниот прототип 1L, постигнувајќи просечна потрошувачка од 0,89 литри дизел на сто километри.

Во ерата на Пиех, Volkswagen влегува масивно во сегментот на престижните и ексклузивни автомобили. Во 1997 година, тој го купува Rolls-Royce, но без правата на марката, кои преоѓаат кај BMW. Така всушност во концернот пристига марката Bentley. Една година подоцна следи Bugatti, исто како и преземањето на Lamborghini од страна на Audi.

Во мај 2002 година се појавува моделот Phaeton. Пристигаат и Touareg, Touran, New Beetle. Марките товарни возила Scania и MAN стануваат дел од концернот. Во 2010 година е преземена Italdesign, чијшто основач Џорџето Џуџаро го дизајнира првиот Golf. Проширувањето завршува со Ducati.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

porsche taycan rekord nordschleife

Porsche Taycan со рекорд на Нордшлајфе: 7,42 минути под 800 волти

полначи за електрични возила

Германија ќе дозволи поставување приватни полначи пред зграда