Љубителите на електричните возила и заинтересираните за чистиот погон можат во среда да присуствуваат на настанот Електромобилност 2.0, во чијшто рамки ќе бидат изложени електрични и хибридни возила, а воедно ќе се споделуваат и искуства од корисниците, вклучувајќи големи македонски компании.
Здружението за промовирање на електрични возила Електромобилност Скопје, во рамки на глобалниот настан „Европска недела на мобилност“ и во координација со Секторот за заштита на животната средина и природата при Град Скопје, го најавува „Електромобилност 2.0“. Настанот ќе се оддржи на 18-ти септември 2019 г. (среда), со почеток во 10 часот, на паркингот веднаш до анекс просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет – Скопје.
Како и во сите годин и досега, целта на овој настан е преку едукативни активности, учениците од средни и основни училишта и другите присутни да се запознаат со електричните и хибридни возила и со нивното значење за општеството, заштитата на животната средина и намалување на загадувањето.
Изложуваат компании што веќе ги користат електричните возила во своето работно секојдневие, а ќе можат да се слушнат и искуствата од приватни корисници и технички ентузијасти
Реномирани компании, како ЕВН Македонија, Македонски Телеком, ПроКредит Банка, Тојота Авто Центар, Фибернет-МК, Хамачи, Зорин е-возила и други влијателни имиња, ќе ги презентираат своите електрични и хибридни возила и полначи за полнење на електрични автомобили и со посетителите на Електромобилност 2.0 ќе ги споделуваат сопствените искуства со електричниот погон.
Во рамки на настанот, во Салата за состаноци на Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот Факултет – Скопје, ќе се организира и панел дискусија на тема „Електромобилноста во нашата држава“ со почеток во 11.30 часот. Во овој дел од настанот свое излагање ќе имаат г-дин Стефан Богоев – Градоначалник на Општина Карпош, г-дин Никола Наумоски – Шеф на Кабинет на Градоначалникот на Град Скопје, доц. д-р Александар Дединец од МАНУ, г-дин Дарко Јаконов од порталот Аутомедиа и г-дин Оливер Велковски од Здружение за промовирање на електрични возила Електромобилност Скопје.
Електромобилност ги поканува љубителите на новите технологии во мобилноста да се приклучат и да бидат дел од овој настан. Здружението Електромобилност повеќе години наназад работи на воспоставувањето на свеста за електричниот погон во сите општествени сфери и во меѓувреме изгради јавна сцена, којашто од година в година привлекува сé повеќе изложувачи и посетители на овој единствен собир.
Дополнителни информации може да се добијат на следната врска:
https://www.facebook.com/events/497933501062124/
https://www.facebook.com/elektromobilnost/photos/a.2440303542699827/2440305646032950/?type=3&theater
https://www.facebook.com/elektromobilnost/posts/2578957775501069
















