Помалку од една третина од новите возила продадени на европскиот пазар во јули имале дизел мотор. Дизелот продолжува да паѓа, на сметка на растот на продажбата на хибридните и електричните возила.
Според последната официјална статистика, на европскиот пазар во јули се продале 1,33 милион нови патнички автомобили, што е најдобар резултат за овој месец по јули 2007 година. Во споредба со лани, продажбата забележила раст од 1,2 процент, меѓутоа вкупната продажба од почетокот на годината до јули е смалена за 2,5 проценти, наспроти истиот период лани.
Поголеми промени се случуваат во соодносот меѓу одделните видови на погон. Електричните, плагин хибридните и хибридните возила во летниот месец постигнале 96.600 продажби. Тоа е за 29% повеќе од ланскиот јули. Соодветно пораснал и нивното учество во вкупната продажба, од 5,8% лани, на 7,4 проценти во минатиов јули. Големиот раст во продажбата на возилата со електрична или електрифицирана погонска спрега се покажува и како главен тренд на европскиот пазар, и воопшто, во браншата.
Само во јули се продадени повеќе од 20.000 возила со електричен погон; Хибридните и натаму доминираат во овој сегмент, со близу 60.000 продажби
Резултатот доаѓа во најголем дел од високиот интерес за електрични возила, чијашто продажба буквално скокнала за 98 проценти, на 23.200 возила. Најмногу пораснала продажбата на Tesla, којашто е најпродавана „електрична“ марка, но и од Renault, чијшто модел Zoe стана најпродаван модел со погон на струја во јули и придонесе марката да постигне раст од 103 проценти. Напредувала и продажбата на Volkswagen со раст од 64%, исто како и на Hyundai (+334%) и Audi, кој во јули продал 1.735 примероци од E-Tron.

Стабилно се одвива и продажбата на возилата со хибриден погон, при што „стабилно“, се однесува на задржувањето на растот во продажбата. Во јули на европскиот пазар се продадени 56.800 возила со хибриден погон, за 27% повеќе отколку во ланскиот јули. Традиционално, продажбата во овој сегмент отпаѓа главно на Toyota и Lexus, меѓутоа добри резултати покажува и Mercedes, на третото место, како и Land Rover, чијшто нов Evoque стана 5-ти најпродаван „хибрид“ во јули.
Топ 5 Најпродавани модели со хибриден погон во јули 2019
|
Toyota Corolla |
12.455 |
|
Toyota C-HR |
8.250 |
|
Toyota Yaris |
7.165 |
|
Toyota RAV4 |
6.135 |
|
Land Rover Evoque |
2.919 |
Топ 5 Најпродавани модели со плагин-хибриден погон во јули 2019
|
Mitsubishi Outlander |
2.405 |
|
Kia Niro |
1.057 |
|
BMW 2 Active Tourer |
1.031 |
|
Mercedes E-Class |
895 |
|
Mini Countryman |
874 |
Топ 5 Најпродавани модели со електричен погон во јули 2019
|
Renault Zoe |
3.789 |
|
Tesla Model 3 |
3.154 |
|
Nissan Leaf |
2.722 |
|
VW Golf |
2.295 |
|
BMW i3 |
2.203 |
Хибридна тура со Toyota Corolla: Со 30 литри бензин низ цела Македонија (Дел 1)
Хибридна тура со Toyota Corolla: Со 30 литри бензин низ цела Македонија (Дел 2)
















