за

Можете да ги препознаете овие делови? (Втор дел)

делови на мотор, skoda fabia Stest AB100

Спојка, алтернатор, брегасто вратило, инјектори за гориво. Сите имаат слушнато за овие зборови. Но, дали навистина знаете како тие изгледаат и како работат?

Под хаубата на автомобилот се крие свет од интересни уреди и делови, изработени од челик, алуминиум и други материјали, кои инженерите ги усовршуваат повеќе од еден век. Современите електронски системи овозможуваат денешните возила да поседувваат својства кои не биле достапни пред една или повеќе децении. Но, техничката основа на моторите со внатрешно согорување не е сменета многу. Моторите уште ги имаат истите компоненти, иако тие стануваа сé поефикасни и пософистицирани со текот на годините. Секој автомобилски ентузијаст ги знае имињата на деловите, но ретко има можност да ги погледне и да се присети на нивната функција.

skoda-tsi-engine

Skoda Fabia неодамна го комплетираше супертестот на 100.000 километри на германскиот магазин Auto Bild. Независни експерти по маратонот ги расклопуваат возилата до најситниот дел и оценуваат, како и дали воопшто, стоте илјади километри влијаеле врз техниката на возилото. Чешката марка ни ја нуди оваа единствена можност да ги погледнеме деловите по супертестот. Секако дека тестираната Skoda Fabia Combi 1.2 TSI со менувач DSG го мина тестирањето беспрекорно.

Контролна единица на моторот

skoda-fabia-engine-control-unit.JPG

Оваа малечка кутија е всушност мозокот на моторот. Компјутерот во неа собира голем обем податоци од сензорите во моторот, во вшмукувачкиот и во издувниот тракт, со цел да ја контролира работата на моторот. За мотори со турбонатполнење, контролната единица е особено важна за моторот и турбополначот да работат оптимално. Без контролната единица, моторот не може ниту да стартува.

Турбополнач

skoda-fabia-turbocharger.JPG

Буквата T во ознаката TSI укажува на постоењето на турбонатполнење (целосното толкување на кратенката е Turbocharged Stratified Injection). Издувните гасови предизвикуваат ротирање на турбината. Самата турбина се наоѓа на исто вратило, односно споена е со компресорскиот дел, кој преку своето ротирање ја зголемува количината на воздух што влегува во моторот. Тоа води кон зголемување на моќноста на моторот. Турбополначот е изложен на исклучителни оптоварувања и бара совршено подмачкување и ладење. Работната брзина на вратилото надминува 100.000 вртежи во минута.

Спојка

skoda-fabia-clutch.JPG

Спојката е мошне важен дел, затоа што го спојува моторот (и го развојува) со преносниот механизам, односно менувачот. Иако таа секојдневно е изложена на големи сили, при грижливо постапување може да издржи стотици илјади километри. Спојката кај моторот 1.2 TSI има пречник од околу 25 сантиметри.

Менувач

skoda-fabia-transmission-gears.JPG

Запчениците во автоматскиот менувач DSG се врвна уметност на механиката. Сите парови запченици имаат посебен чекор и агол, но совршено си одговараат и овозможуваат молскавично префрлување на степените.

Алтернатор

skoda-fabia-alternator.JPG

Кога стартува моторот, се користи енергијата од акумулаторот. Во сите други случаи, алтернаторот е главниот извор на електрична енергија во автомобилот. Исто како компресорот за клима-уредот, алтернаторот е во спој со V-ременот и добива погон од моторот. Тој постојано ги снабдува електричните потрошувачи и го полни акумулаторот во текот на возењето.

Стартер

skoda-fabia-starter.JPG

Стартер или анласер (од германски „Anlasser“, кај нас одомаќено како алансер) е малечок, но доволно моќен електромотор, којшто го придвижува моторот до „палењето“. Откако системите старт-стоп станаа стандард, стартерите станаа поиздржливи и не се толку чувствителни како порано. Како што ќе напредува електрификацијата на погонската спрега (благи хибриди и сл.), стартерите ќе стануваат сé позначајни.

Куќиште и филтер за воздух

skoda-fabia-intake-air-filter.JPG

На моторите со внатрешно согорување им е потребен чист воздух, а тоа бара филтер за воздух со висок квалитет. Филтерот ги задржува сите физички нечистотии од воздухот што се вовлекува, но во исто време обезбедува правилна пропустливост. Тој не смее да го задушува моторот, затоа што на тој начин ќе се смали моќноста.

Ладилник

skoda-fabia-radiator.JPG

Ладилникот се наоѓа веднаш зад предната маска. Во него струи течноста за ладење на моторот, а во долниот дел се наоѓа и ладилник за воздухот што се компримира по вшмукувањето – кусо, интеркулер. Големината на ладилникот за моторот е точно пресметана според интензитетот на ладење што му е потребен на моторот.

►Во следниот дел механизам за бришачи, амортизери, модул на педали, издувна цевка со компензатор и катализатор, воздушна перница, полуоски, компресор за клима-уред.

Можете да ги препознаете овие делови? (Прв дел)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

роботските автомобили, rinspeed oasis

Како полицијата ќе ги запира роботските автомобили?

McLaren Speedtail

McLaren Speedtail: Лордот од лентата за престигнување