Штутгартскиот концерн влегува во бизнисот со стационарни акумулатори за домашна и за индустриска примена. Првите акумулатори ќе стартуваат со продажба многу скоро.
Автомобилскиот гигант Daimler ќе почне со продажба на стационарни акумулатори за индустриски клиенти и за домаќинства. Првите батерии ќе се појават во продажба веќе летово. Станува збор за акумулатори што се технички идентични со акумулаторите вградувани во моделите на Daimler со хибриден и електричен погон. Производството се одвива кај фирмата ќерка Accumotive во Каменц, во Саксонија. Во индустријата е веќе започнато користењето на батериите на Daimler, а приватните домаќинства ќе можат да ги нарачаат батериите од локалниот дистрибутер на електрична енергија во покраината Баден-Виртемберг. Пионерот во електричните автомобили Tesla Motors неодамна исто така ги најави партнерите со коишто ќе соработува во бизнисот со батерии.
















